Се радувам што дијалогот почна и што со дијалогот се запознати нашите меѓународни партнери. Тоа е убавината на демократијата – да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис, изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан каде го гледа излезот од блокадата  во односите со Бугарија и за очекувањата по завчерашната средба на министрите за надворешни работи на двете земји, Тимчо  Муцунски и Велислава Чамова во Софија.

-Јас очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашање по посетата на Скопското Кале.

Прашан дали ќе има нови средби до декемврискиот самит на ЕУ, рече „да оставиме процесот да се движи по природен пат“ и дека „за се она што јавноста треба да знае, ќе знае на време“.

Нагласи дека е важно што почнал дијалогот, како што советувала претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при неодамнешната посета на Скопје.

-Советот беше да почне дијалогот, дијалогот почна. Нашите партнери се запознати со содржината на дијалогот, очекувам дијалогот да продолжи, така што во периодоот што следува очекувам да има напредок и кога ќе има напредок, се разбира, јавноста ќе биде информирана, додаде премиерот. (МИА)