Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска, заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во Скопје, во канцеларијата на претставништвото на Европската Унија остварија работен ручек со европратениците Едуард Кукан, Кнут Фленкенштајн и средба со европратениците Кристијан Дан Преда, Илхан Коучук и евроамбасадорот Самоил Жбогар, известуваат од партијата.

На средбата Мицкоски ја потенцирал лошата политичка и економска состојба и доцнењето со исполнување на обврските од евроагендата.

Мицкоски истакнал и дека власта наметнува недемократски амбиент и поделеност на општеството служејќи се со притисоци и прогон врз опозицијата и неистомислениците и во такви едни услови создадени од власта, ВМРО-ДПМНЕ одлучил да го замрзне своето учество во процесот Жан Моне, ценејќи ја неговата функција но неоправдувајќи ги методите со кој се служи власта.

Мицкоски посочил дека корупцијата и криминалот остануваат меѓу главните проблеми во државата, како и недостатокот на правна држава и владеење на право. Власта создава систем во кој имаме зависно судство, политизирано обвинителство кои се ставаат во функција на политичките цели на актуелната партија на власт. Сето ова придонесува до голем застој во реформите врзани со европската агенда која не е приоритет за актуелната влада.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека треба да се овозможи јавен обвинител на предлог од опозицијата кој ќе се справи со сомнежите за криминал и да овозможи борба против корупцијата, и дека власта треба да го прифати ова барање доколку навистина суштински се залага за правна држава и владеење на правото.