Проблемот од минатото со набавка на учебници се решава и тие се доставуваат навреме за новата учебна година, како резултат на воспоставено системско решение, уверуваат премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, кои денеска присуствуваа на промоција на нови учебници за прво, второ и трето одделение во ОУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.
Жалам, рече Мицкоски, што во време на вештачка интелигенција и современи напредни технологии, се радуваме дека навреме ги доставуваме учебниците.

Оцени дека недостигот со учебници во претходниот период е резултат на „политичка катаклизма од СДСМ и ДУИ“ и посочи дека сегашната Влада има обврска да преземе мерки тоа никогаш повеќе да не се повтори.
– Можеби сето ова треба да претставува нормална работа, иако пред 10-тина, 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска се радуваме ако учебниците ги доставиме на време, за да можат децата да ги користат. За жал, имавме една катаклизма, којашто 7 години беше влада во Македонија и последиците се разорни. Работиме приоритет по приоритет за да ги вратиме работите во нормала. Свесен сум дека има граѓани на кои трпението им е при крај, но важно е да ги реализираме нашите цели и приоритети и да оставиме впечаток дека даваме максимум работите да се доведат онаму каде што им е местото. Еден од тие процеси е и ова системско решавање за снабдување на нашите најмили, на децата, со учебници – рече Мицкоски.

Министерката Јаневска потенцираше дека веќе трета година учебниците не претставуваат проблем во државава и редовно се доставуваат до 1 септември, кога почнува училишната година.
– Оваа година имаме испорака на учебници од прво до трето одделение во април и мај, а од идната недела почнува доставата на учебници од прво до деветто одделение. Од прво до трето одделение се испорачани околу 250.000 парчиња, севкупно ќе бидат испорачани милион и пол. Обоновен е целиот фонд на учебници од прво до осмо и прва и втора година гимназија. Остануваат да се доработат како нови учебници следната година учебниците за деветто одделение и учебниците за трети клас гимназија, бидејќи постепено секоја година добиваме нови наставни програми и нови учебници – изјави Јаневска.
Важно е, подвлече министерката, дека воспоставивме системско решение и ќе немаме никаков проблем со учебниците. Напротив, ќе се надградуваме. Во моментов имаме во ПДФ формат електронски учебници и со тек на време надополнуваме и дигитални учебници. Она што беше проблем во минатото – недостиг на учебници, немање учебници, забрана за учебници – веќе нема да постои. Продолжуваме во овој стил и понатаму, посочи министерката за образование Јаневска.

Директорот на педагошката служба во Министерството за образование и наука Роберт Аџипетров информира дека по стапувањето во сила на новиот Закон за учебници донесени се 48 одлуки за одобрување учебници во основно образование и средно образование, како и 22 одлуки за одобрување учебници по странски јазици. Со тоа, нагласи, се надмина гап-от што го имавме во државата – да имаме недостаток на овие учебници.

Во однос на процедурата, нашата држава сега има база на рецензенти во која членуваат над 800 универзитетски професори, како и наставници од основно и средно образование, а утврдена е и формула за пресметка на цена на учебниците, со што се надмина праксата во минатото кога цените се утврдуваа зад затворени врати и кога цените практично беа договарани во четири очи, рече Аџипетров.
Целиот овој процес, дополни, ни овозможи да имаме нормално системско решавање на проблемот со учебници. – Наши учебници и материјали, освен во нашите училишта, се испратени и во Токио, и во Лондон, како и во Виена за нашите ученици таму, а наши учебници можете да пронајдете и во Библиотеката на Конгресот во Соединетите Американски Држави, што покажува колку сме спремни во овој дел, потенцираше директорот на Педагошката служба.
Фото: Влада




