Во „Отворено“ на Алфа телевизија гостин на Искра Коровешовска беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во едночасовниот разговор, Мицкоски меѓудругото истакна и дека граѓаните чувствуваат апсолутна недоверба и дека има партизација во судството.

-Оваа Влада и Зоран Заев правеа што правеа во минатите две години. Со најави за пресуди, со она прислушкување на судиите и обвинителите, откако јавниот обвинител изјави дека минативе две години биле прислушкувани. Поминаа неколку месеци од тоа, не знаеме дали има елементарна истрага околу тоа. Па се до оние последни случувања во рамките на Собранието, каде на најбезобразен на најбескрупулозен начин се обезбедуваа пратеници да му дадат поддршка на Зоран Заев.

Тој потенцираше дека во државата има политизирано и партизирано судство, ветувајќи дека доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе има реформи во судството по европските стандарди како граѓаните би ја вратиле довербата во судството.

-На сите средби со меѓународниот фактор презентираме факти кои што ги имаме, не би сакале да зборуваме паушално, од спротивната страна добиваме разбирање. Но некако во изминатиот период мора да признаам, критиката кон Владата на Зоран Заев затаи, тоа најверојатно беше поради тоа што требаше да завршат нешто, но и тоа не го завршија сами, па за тоа го обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски истакна дека вистината во Македонија е поразителна, а дека тоа го гледаат од страна на меѓународниот фактор. Тој изјави дека сега ЕУ кажа дека промената на името не е доволна само за интеграција, туку дека треба и реформи во судството и уште многу што.

-Ниту има владеење на правото, ниту има правна држава, ниту граѓаните чувствуваат сигурност, не треба вие тоа да им го кажете на меѓународните институции, тие тоа го гледаат од комуникацијата со граѓаните, изјави Мицкоски.

Тој спомена да се погледнат анкетите, велејќи дека имаме заробено СЈО, кое има мисија да биде слуга на Заев и да ги исполни неговите барања.

-Во оваа држава, но и во било која демократска држава, народот е тој што одлучува кој ќе ја предводи Владата, според програмата. Јас сум сигурен дека СДСМ ќе изгуби на следните избори и ќе ја доживее судбината на ПАСОК во Грција.

Најавата за консензуален кандидат за претседател според Мицкоски е најава за тргување со гласовите на албанските гласови.

-Вие играте на ниски страсти и се обидувате да тргувате со чувствата на Албанците, на начин на кој што го кршите правилата и да ги добиете гласовите на Албанците. На овој начин ќе дојде до проблем меѓу СДСМ и ДУИ. ДУИ не сака албанските гласови повторно да се претопат кај СДСМ и ќе се обиде да стане повторно лидер кај Албанците, бидејќи сега прва партија кај нив е СДСМ.

Тој вели дека кај Македонците и кај другите заедници во државата СДСМ губи со 2 спрема 1 од ВМРО-ДПМНЕ.

-Нема да ги бојкотираме претседателските избори, напротив ќе победиме на истите, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој подвлече дека изјавата на генералниот секретар била намерно спинувана.

„Не само што ќе излеземе на претседателски избори, туку и бараме предвремени парламентари избори, за да се стави крај на манипулациите и лагите на владата предводена од СДСМ.“

-ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка сила и ќе учествува на изборите, на кои нема дилема дека ќе победиме. Но, потребна ни е довербата од народот. Само со помош на народот ни можеме да ја браниме Македонија. Ние не можеме како опозиција, со предупредувања да го корегираме она што го прави Владата. Затоа бараме и предвремени парламентарни избори, рече Мицскоки кој потсети дека изминативе две години на виделина излегоа сите лаги, манипулации и криминали на СДСМ предводена од Зоран Заев, истакна Мицкоски.

Тој вели дека СДСМ оди со пи-ар кампања за собирање на албанските гласови, заборавајќи на ветувањата кои ги дадоа а се важни за граѓаните, како што беше платата од 500 евра, а и во минатото вработување на по еден член од секое семејство.

Околу тврдењата на Зоран Заев и останатите функционери од власта дека Мицкоски моли Бога да ги нема изборите кои ги бара, тој истакна:

„Ајде тогаш нека распишат избори. Воопшто да немаат дилема.“