Не сакам да ми кажуваат дека треба да се бојкотира парламентот, дека треба да бидеме насилни, тоа не е решение. Тоа е одлична можност да им ја продолжиме кариерата на овие кои што се сега на власт. Тоа не е решение, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интревјуто на Алфа телевизија коментирајќи за штетните договори во однос на спорот со источниот сосед.

Мицкоски додаде дека потребен е друг пристап:

„Ако ми понудат друг пристап на кој што ние би зборувале и би дошле до целта подготвен сум ги слушнам. Во спротивно таа е нашата политика, да ги користиме сите демократски алатки кои што ни стојат на располагање да го спречиме тоа. Имавме низа протести во минатото и цениме дека јавното мислење кое што е негативно кон таков тип на решение и тоа како допринесе за досега да не потпишат таков авантуристички договор. И ќе ве потсетам на интервјуто на Зоран Заев даден за оној бугарски медиум кога наеднаш од окупатори станаа администратори и ослободители“, рече Мицкоски.

Според него, ова е Влада со која раководи ДУИ, а вината за тоа ја носат и малите партии:

-ДУИ која што ќе ја има наредниот период во владата на Димитар Ковачевски. – „Тие се факторизираат, тие испраќаат порака дека тие се фактор, СДСМ не е фактор во Владата. Сега ќе дојде пиунот на Заев, Ковачевски, претпоставувам таму негде на средината на овој месец и ќе го предложи кабинетот. По тоа што го гледам само ќе го продолжи заевизмот и практично вие ќе имате многу послаб капацитет на политичари и со политичка моќ, но и поинаква би рекол. Затоа што тој како мандатар се плашам дека нема да може да наметне ниту авторитет, ниту пак има политички кредибилитет бидејќи не излезе на избори, не доби поддршка од народот, не се легитимирал со платформата. И тука веќе настапува ДУИ, тука настапуваат Артан Груби, Бујар Османи, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими и останатите кои што сакаат преку овие пораки да кажат кој владее во Владата, дека да ќе имаме ние нов мандатар некој си Ковачевски Димитар, кој што е поставен тука за да го продолжи ликот и делото на Зоран Заев. Но, вистинската и суштинската моќ, кој ги влече главните потези е ДУИ“.

Мицкоски додаде дека тоа не го порачува ДУИ само кон нивните гласачи, туку е и порака до меѓународната заедница.

„Затоа ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека ова не е Влада на СДСМ и коалиционите партнери туку ова е Влада на ДУИ. Јас не го обвинувам тука ДУИ, немам намера да го обвинувам бидејќи си го тераат својот политички интерес на крајот од денот, тоа е дел од нивниот план и стратегија. Вината е тука ја лоцирам кај оние политички партии кои што се дел од Коалицијата на СДСМ, и тоа кај Горан Милевски, Маја Морачанин, Павле Трајанов, Љубчо Георгиевски и останатите кои што де факто поддржуваат Влада на ДУИ“, рече Мицкоски.

Што се однеусва до спорот со Бугарија, тој изјави:

– Кога зборуваме за европерспектива, не очекувам дека нешто би можело драматично да се смени. Длабоко сум убеден дека не постои план 5+1 или како сакаат нека ги нарекуваат, затоа што постои Резолуција на бугарскиот Парламент. Во таа резолуција има точки кои што се неприфатливи за нас како народ, па дури и за политичари како и Зоран Заев, затоа што преставува сериозно негаторска и асимилаторска политика. Се додека таа резолуција постои, договор нема. Ќе имаме закочен евроинтегративен процес, рече Мицкоски.

Според него, првиот момент кога таа Резолуција ќе биде повлечена или заменета со некоја друга, тогаш може да имаме договор.

– Ако направат таков будалест чекор и да ја прифатат таа Резолуција, да биде дел од евентуална преговарачка рамка, тоа ќе биде конечна асимилација или блокирање на евроинтеграциите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема намера да преговара за Резолуцијата на бугарскиот парламент и таа да стане дел од преговарачката рамка и тоа да им е јасно на сите. Нема намера ВМРО-ДПМНЕ како идна влада ниту една точка да смени во македонскиот идентитет, каков сака нека е тој притисок. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ни милиметар да се чепка во македонскиот национален идентитет, потенцираше Мицкоски.

Говорејќи за што не очекува во 2022 година, тој рече дека следи динамична година во која ќе се стави крај на заевизмот.

– Јас очекувам да биде подинамична и потурбулентна година и мислам дека ќе има многу промени во Македонија во многу области и сметам дека сето ова што сме го зборувале ќе излезе дека сме во право и очекувам предвремени парламентарни избори и конечно да падне заевизмот, нагласи Мицкоски.