Не гледам причина за лидерска средба во моментот, ако средбата се бара поради провокациите на 28 ноември, затоа што тој случај е затворен, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање зошто власта го одби барањето на СДСМ да се одржи лидерска средба.

– Но, не ја исклучувам можноста. Може да одржуваме лидерски средби за размена на идеи за иднината, за заеднички политики. Може и поединечно да се гледаме, ако лидерите на партиите имаат креативни идеи за развојот на државата и за подобрување на стандардот на граѓаните. За тоа стојам на располагање – рече Мицкоски.

Премиерот рече дека е јасен мотивот на инспираторите и на организаторите на она што се случуваше на 28 ноември, а дел од нив се блиски на партии и политичари во опозицијата.

– Оперативните информации на МВР со многу докази даваат одговор кој стои зад организирањето, особено во Скопје и Куманово, кои се инспираторите и која беше целта. Честитам на зрелата реакција на МВР, но ги разбирам и граѓаните чии чувства и емоции тој ден беа на високо ниво. Со одмерена акција се изолираше групата која беше инспирирана да направи вакви инциденти. Сторителите се под кривичен и прекршочен прогон и ќе биде постапено член 319 според законот – рече премиерот Мицкоски.

Полицијата вчера информираше дека досега се приведени 18 лица за инцидентите на денот на албанското знаме, кога поединци го кинеа и го газеа македонското знаме.

– Треба да се навикнеме дека вака ќе функционираме. Кога се реагира емотивно, се греши. Треба со разум, внимателно, чекор по чекор. Ќе дојдеме до целта, но не смееме да дозволиме овие инспиратори да победат. Ја разбирам емотивната реакција на јавноста, но ние имаме одговорност да обезбедиме мир. Мирот е тука, граѓаните не треба да се грижат. Јасно е кој е инспираторот и која е целта – рече премиерот Мицкоски.

Прашан за коментар за тоа што опозициската СДСМ одлучи да не ги поддржи четирите интерпелации против министри од Владата, Мицкоски рече дека сите екстреми во општеството кои сакаат да предизвикаат нестабилност и несигурност треба да се изолираат.

– Во услови кога имаме жесток инвестициски раст, рекорди во странските директни инвестиции, раст на економијата, кога сме во дефлација и имаме суфицит во буџетот, имаме и екстреми во општеството кои сакаат да нè вратат назад во политичкото мочуриште. Мене ми е драго што дел од партиите и покрај тоа што се во опозиција се свесни за ова и што заеднички нема да дозволиме овие екстреми да нè вовлечат во тоа мочуриште. Граѓаните полека ги изолираат. Сите оние кои се за несигурност, нестабилност и за конфликти мора да бидат отфрлени и изолирани, а во таа улога денес е ДУИ. Некогаш се претставуваше за прозелена партија, а денеска е главен генератор на нестабилност и се обидува да генерира конфликти – рече премиерот Мицкоски.