Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го следи случајот со враќањето на пасошот Борче Марковски, обвинет за злоупотреби, од страна на Основниот суд во Струга и посочи дека во него „има груба манипулација од, како што истакна, еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, којшто е сочесник во овој процес“.
Тој очекува истрага за овој случај затоа што, вели, од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имало поинаков извештај од тој што бил приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола.
-Јас вчера го следев случајот и малку се заинтересирав. И мислам дека тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, којшто е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола.
Тој вели оти не би сакал да шпекулира со имиња и презимиња, затоа што допрва ќе има истрага за овој процес.
-Наскоро ќе има истрага затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој којшто е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола. Така што, ова нема така да заврши. Ова лично јас ви го гарантирам и јас лично ќе го следам овој случај, рече Мицкоски.
Основниот суд во Струга му го вратил пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, а еден ден потоа тој ја напуштил земјава преку граничниот премин Табановце. Марковски е првообвинет во предметот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна околу 1,7 милион евра. (МИА)




