Уставни измени, отстранување на иредентизмот, заемно прифатливо име ерга омнес, без македонска националност и македонски јазик, се условите за решение на прашањето за името, според лидерот на грчката опозициска Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Говорејќи пред одговорните на секторите во партијата, Мицотакис рече дека договорот што нема да ги задоволува националните интереси, нема да биде прифатен од Нова демократија.
– Ние како партија цврсто остануваме на нашата позиција. Решението треба да биде едно, комплетно и да содржи три елементи: промена на Уставот на Скопје, отстранување на секаков иредентистички елемент, вклучувајќи ги и националноста и јазикот. Македонска националност и македонски јазик не можат да бидат прифатени. Едно име за севкупна употреба во и вон границите и име заемно прифатливо што нема да ги труе односите на двете држави, веќе следниот ден, рече Мицотакис, потенцирајќи дека оваа позиција е чесна, реална и патриотска и ја гарантира и обединетоста на Грците.
Според лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Ципрас по секоја цена се обидува да постигне договор со нашата земја.
– Она што го гледаме е агонија, голема агонија, по секоја цена и колку е можно побргу решение на скопското прашање за да им служи на меѓународните цели и сето ова е во време кога владата не поседува никаков политички легитимитет за да постигне меѓународен договор. Како што преговара денес г. Ципрас? Преговара како премиер што има поддршка од сите членови на владиниот кабинет и целото парламентарно владино мнозинство или преговара само како лидер на СИРИЗА, истакна Мицотакис и рече дека „ваков феномен не постоел во ниту една грчка Влада“.