Мигрантите, проблем со кој Македонија жестоко се судри пред неколку години, сега на Балканот користат алтернативна рута, во нивните обиди да стигнат до земјите од Европската унија, а најпогодена од тој бран е Босна и Херцеговина.

Како што пишува Евроњус, мигрантите сега ја користат трасата која од Грција води преку Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина до Хрватска, која пак има засилени мерки на својата граница да спречи илегални преминувања.

Според податоците на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), БиХ, Албанија и Црна Гора регистрирале 6.700 нови илегални мигранти во првите пет месеци од годинава, што е двојно повеќе отколку во целата 2017 година.

Од ИОМ соопштија дека најголем број доаѓаат во БиХ, а стотици од мигрантите спијат во сараевските паркови.

– Повеќе од 4.000 луѓе, од кои една петтина тврдат дека доаѓаат од Сирија, се појавија оваа година во БиХ, во однос на претходната кога имаше само 755. Други мигранти кои илегално влегуваат во БиХ, според податоците на ИОМ, се од Ирак, Турција, Алжир и Авганистан.

Повеќе од еден милион мигранти стигнаа во Европа во 2015 година. Таканаречената Балканска рута, која водеше од Турција, преку Грција, Македонија и Србија е затворена во 2016 година, кога Турција вети дека нема да пушта мигранти во Европа доколку и помогне ЕУ, и ако на граѓаните на Турција ЕУ им вети безвизен режим. Но, од есеноска, откако се зајакнати контролитена границите на Србија, Унгарија и Хрватска, криумчарите со мигранти креираа нова рута, која сега ја заобиколува Македонија.

Мигрантите кои во Србија се останати од 2016 година, сега се почесто ја минуваат границата со Босна и Херцеговина, а меѓу нив има голем број на мигранти од Иран, кои го искористиле безвизниот режим, што лани го потпишаа Иран и Србија.

Според податоците од ИОМ, 32.080 мигранти влегле во Европа по морски пат во првите 150 дена од оваа година. Најмногу доаѓаат преку Италија, а нешто помалку преку Шпанија. Околу 660 од тие што тргнале по морски пат се водат како исчезнати или погинале на тој пат.

Дел од милионскиот број на мигранти што веќе се наоѓаат во Европа, Брисел се обидува да го распореди во повеќе земји, но во тоа наидува на силен отпор од повеќе од членките на ЕУ, кои не се расположени да прифатат мигранти.

Салвини: Италија повеќе нема да биде „европски бегалски камп“

 

Италија нема веќе да биде „европски бегалски камп“, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини.

Тој уште од порано вети дека ќе воведе построги мерки за да се намали приливот на нови мигранти, како и враќање назад на тие што веќе стигнале во Италија.

– Јасно е и очигледно дека Италија е напуштена. Сега ги гледаме фактите, изјави Салвини, коментирајќи го ставот на германската канцеларка Ангела Меркел за тоа дека на Европа и е потребен нов пристап кон имиграцијата.

Салвини, кој има намера да отвори центри за притвор и депортирање на мигранти во сите делови на Италија, претходно на Твитер напиша дека Европа треба или да помогне земјата да биде сигурна или италијанските власти ќе одберат други методи.

Италија стана една од главните рути за економски мигранти и азиланти во Европа, ни зкоја секоја година минуваат стотици илјади мигранти од северна Африка, од кои неколку илјади умираат на пат преку морето.