Грчкиот премиер Алексис Ципрас не успеал да обезбеди поддршка од грчкиот опозицски лидер за да има изграден консензус пред очекуваното интензивирање на преговорите за името.

Во оптек се две имиња кои останале на маса како прифатливи компромисни решенија – Северна Македонија или Република Македонија-Скопје.

„Нема да ги поделиме Грците за да го обединиме Скопје“, изјави лидерот на конзерватината Нова демократија, Киријакос Мицотакис по средбата со Ципрас.

Тој додаде дека решението за името не е само прашање од надворешната политика, туку сериозно прашање поврзано со грчката историја и за “идентитетот на Грците“.

Мицотакис, кој во моментов е на чело на партијата која ужива најголема поддршка кај избирачите, во телевизиско обраќање го обвини Ципрас затоа што не барал од Скопје уставни измени како „неопходен услов“ за какви било преговори и порача дека прозорецот за можно решение е затворен.

Медијаторот Метју Нимиц, како што објави Ројтерс, неделава се очекува да ги посети и двте земји.

Премиерот Ципрас, пак, рече дека „најважната точка која мора да биде јасна е дека решавањето на разликите со ПЈРМ не е обврска кон трети страни туку останува наш национален интеерсен на среден рок како и за стабилноста на Балканот“. Тој притоа истакна дека опозицијата е „лицемерна“ и додаде дека периодот не е за истакнување национлаиситчки ставови.

Кон негативната атмосфера во Атина се приклучи и грчката црква, која има огромно влијание во политичките одлуки, која јасно стави до знаење дека не прифаќа во името на соседната држава да фигурира зборот Македонија.

Инаку македонскиот премиер Зоран Заев утре патува за Франкфурт, а според некои информации во Германија ќе и замине и шефот на дипломатијата Никола Димитров, за да се направи преглед на моменталната состојба со текот на преговорите за името.