И покрај двата обида, денеска не се оддржа седницата на собраниската Комисија за надворешни прашања, на која излагање за остварување на меѓународната политика требаше да има и Никола Димитров. Новата седница е закажана за утре.
Денешната седница се одложи откако претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, побара пратениците кои имаат безбедносни сертификати да ги добијат класифицираните материјали што како Комисија ги побарале и ги добиле од Претседателот на РМ, бидејќи, како што кажа, тие се многу битни и значајни за надворешната политика и се однесуваат на ставовите на власта и министерот за надворешни работи во врска со преговорите за името со Грција, што е точка на дневниот ред.
Тој ги обвини власта и претседателот на Собранието Талат Џафери дека забраниле овие материјали да бидат доставени до пратениците и оти тоа говори дека се обидуваат нешто да сокријат. Потенцира и дека материјалите се однесуваат на две средби што се одржале кај претседателот на државата во врска со преговорите за името со Грција во јануари и мај, на кои како што рече, министерот имал различни ставови.
– Криењето на материјалите од пратениците отвора сомнежи дека власта се обидува нешто да сокрие, рече Милошоски и додаде дека седницата ќе почне откако материјалите ќе бидат доставени до членовите на комисијата.
Димитров, кој немаше можност да говори пред Комисијата, во изјава за медиумите истакна дека во сите преговори има и преговарачки тактики, има позиции, но оти нема намера сега да говори за тоа за да не му наштети на целиот процес и постигнатиот Договор.