Министерството за одбрана, на чие чело од неодамна е министерката Славјанка Петровска, се грижи за доследно почитување на законските одредби од Законот за заштита и благосостојба на животните, стои во денешното соопштение од МО, по повод огласот за продажба на кучиња.

На 28 јануари, се појаснува во соопштението, МО објавило Јавен оглас за продажба на кучиња, кој јавно и транспарентно може да се види на веб-страницата на Министерството. Огласот е објавен во согласност со воспоставената пракса за отуѓување на кучињата кои го надминуваат бројот на потребните кучиња зa потребите на Армијата и на другите институции.

– Потребата за продажба на овие кучиња е поради поголемиот прираст кој минатата година го имаше Центарот за обука и дресура на кучиња,  кој е дел од Армијата на РС Македонија и кој е задолжен за обезбедување на државните институции согласно нивните потреби, стои во соопштението.

Кучињата кои се огласени на продажба, се посочува, не се тренирани, а одлуката за нивна продажба е донесена врз основа на проценка на организационите единици задолжени за тоа.

– Имено, Министерство за одбрана има природен прираст на кучиња од сопствените легла. Кучињата кои се потребни за Армијата и другите државни органи се распределуваат низ единиците или на другите институции со одлука на Владата, додека бројот на кучиња кој ги надминува потребите се објавува за продажба со јавно наддавање, соопштија од МО.

Ваков вид јавен оглас за продажба на кучиња Министерството за одбрана објавувало и претходно и зависи од прирастот и потребите на останатите државни институции. Претходниот оглас за продажба на кучиња е објавен во 2016.

– Со цел обезбедување на правилна грижа на животните кои ги продава, во договорот за купопродажба има одредба во која се задолжува купувачот да посвети потребна грижа за животното и да ги почитува одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, се наведува во соопштението од МО и се додава дека продажбата на кучињата има пред сè хуман аспект, тие да добијат соодветен дом и грижливи сопственици.