По повод Денот на независноста 8 Септември, Министерството за спорт денеска на пригодна свеченост во Собранието на Република Македонија, ги додели државните награди за високи остварувања во областа на спортотот.
Државната награда „8 Септември“, со која Република Македонија им оддава признание на спортистите, тренерите и спортските работници кои со своите резултати, посветеност и долгогодишна работа оставиле трајна трага во македонскиот спорт, годинава се одржа по четиринаесетти пат.
Годинешни добитници на еднократната наградата за остварувања во областа на спортот се: Димче Ангелов (борење), Ацо Крстов (борење), Дејан Ангеловски (атлетика) и Ангел Мицевски-Скакар(борење), а наградата за животно дело која е од траен карактер му припадна на Трајче Димков, човек чиј живот е нераскинливо поврзан со борењето – како спортист, тренер, селектор и спортски работник.
Министерот за спорт Борко Ристовски, ги поздрави добитниците и во своето обраќање истакна дека државната награда што го носи името на Денот на независноста има посебна симболика, бидејќи со неа државата им оддава почит на луѓето чии спортски достигнувања станале дел од нејзината историја.
„Постојат спортски резултати што остануваат запишани во статистиката, но постојат и луѓе чии резултати, карактер и дело стануваат дел од колективната меморија на една држава. Денеска сме тука токму поради такви луѓе. Луѓе кои победувале, создавале шампиони, граделе спортски генерации и го носеле името на Македонија тогаш кога зад нив стоеле само нивниот труд, нивната дисциплина и вербата дека можат да успеат“, истакна Ристовски.
Тој нагласи дека спортот има вредност многу поголема од освоените медали, пехари и рекорди, бидејќи големите спортски успеси создаваат моменти во кои целата држава се препознава во успехот на еден спортист или една репрезентација.
„Спортот има една исклучителна моќ – во неколку секунди да обедини цел народ. Кога македонски спортист стои на победнички подиум, кога се крева македонското знаме или кога нашите спортисти се борат со најдобрите во светот, тогаш нивниот успех престанува да биде само личен. Тој станува успех на Македонија. Токму затоа државата има обврска да ги памети луѓето кои ги создавале тие моменти“, порача министерот.
Ристовски им честиташе на годинашните добитници, посочувајќи дека зад нивните признанија стојат децении работа, тренинзи, натпревари, откажувања, победи и порази, но и огромен придонес во создавањето нови генерации македонски спортисти.




