ВМРО-ДПМНЕ се врати. Брендот колку и да пробаа да го турнат и прогонат никој тоа не може да го направи. ВМРО-ДПМНЕ не е само политичка партија, тоа е ген во скоро сите Македонци, изјави Владо Мисајловски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во денешната емисија „Отворено“ на Алфа Тв.

Тој рече дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, многупати велел дека пркосот ќе се појави и навистина се појави. Мисајловски рече дека кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е чесна и коректна, постојано на терен и помеѓу граѓаните, кои според него, сфатиле дека лицето на СДСМ од она на телевизија е различно од реалната ситуација на терен.

-Градот Скопје е разочаран, две години не видел ниту еден проект, треба некој да ги реши потребите на граѓаните. СДСМ проба да си поигрува со интелигенцијата на граѓаните и сега тоа им се враќа како бумеранг. Видовте вчера дури и си дадоа еден со друг метла, јас би им порачал: „Да, треба да си дадете еден со друг метла, да се тргнете од оваа власт и да си заминете во политичка пензија бидејќи сте најголемото разочарување во Република Македонија“, рече Владо Мисајловски.

Тој изјави дека во сите ресори на државата на граѓаните им биле ветувани многу работи, за на крај да бидат изневерени и разочарани.

-Кажете ми кој било ресор, граѓаните за се се излажани. Овие политичари го потценија народот, а во вториот круг народот уште повеќе ќе ги казни. Ние политичарите мора да бидеме позитивни и надежта да ја вратиме кон сите граѓани, но со работа и труд, а не со излитени фрази, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

Според него, ако имаме вакви избори, со ваква излезност, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата Влада на Република Македонија.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека на предвремените парламентарни избори, очекуваат уште повеќе гласови и уште поголема победа.

-Со овие симулации, ние имаме околу 53 пратенички места, а СДСМ би освоиле од 40 до 43 пратеника, истакна тој.

Мисајловски анализира дека доколку Беса и Алијанса на Албанците формираат коалиција, би освоиле 12-13 мандати.

-СДСМ јако тоне, а ВМРО-ДПМНЕ се качува нагоре, заклучи Мисајловски според анализите во ВМРО-ДПМНЕ.