Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во втората изборна единица Владо Мисајловски денеска истакна дека оствариле средби со десетици партии за евентуална коалиција каде се разговарало за програма, стратегија и визија, но и за учество во извршната власт.

-Најголем дел од партиите побараа пратенички места да добијат во нашата коалиција, но ние со нашата одлука од Извршниот до Централниот комитет на сите им кажавме дека пратенички места не даваме во ВМРО-ДПМНЕ. Сакаме да имаме една кохезија, да бидеме обединети во ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Мисајловски во гостувањето во Дневникот на Сител.

Посочи дека со некои партии не се договориле, дури и веднаш по првиот состанок бидејќи инсистирале на пратеници и на многу позиции.

-Не разговараме кој ќе биде министер, туку кој ќе има капацитет да ја сработи оваа програма и луѓето што би ги предложил било кој од нив ќе треба обврска да им биде да ги сработат проектите. Ние бараме работа, работа, работа, дециден е тој.

Според Мисајловски, во СДСМ се случува цунами на бегање на партии, а тоа како што рече ќе се случи и на изборите.

Мисајловски нагласи дека утре ќе биде потпишана официјалната коалиција со најмалку плус седум партии.

Потпретседателот се осврна и на прашањето за балансерот.

„Сите кои велат дека се за ЕУ, а се за балансерот тие сами се негираат. Причината поради која бараме укинување на балансерот е да се стават соодветни лица на соодветни места. Треба да се вработуваат само најквалитетните“, изјави Мисајловски.

Говорејќи за ЕУ, Мисајловски посочи дека последната опција за евроинтеграцијата значеше ќорсокак за Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифатни ниту еден ултиматум, ни од внатре, ни од надвор. Ние сакаме да ги смениме работите на подобро“, кажа Мисајловски.

Мисајловски посочи дека програмата за претстојните избори на ВМРО-ДПМНЕ е реална.

„За пензионерите ќе има 5.000 денари зголемување на пензиите, бидејќи едвај преживуваат. Потоа власта фрли околу 300 милиони евра наводно за автопати, а автопатите ги нема. Сите непродуктивни трошоци ќе пробаме да ги скратиме и да ги пренасочиме онаму каде што требаат“, рече Мисајловски.