Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска оствари средба со командантот на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), бригаден генерал Билбил Битри, кому му завршува мандатот како командант на Бригадата.

-Се заблагодарив за неговата професионалност и значајниот придонес во унапредувањето на оперативната подготвеност, мултинационалната соработка и регионалната безбедност во рамките на SEEBRIG. Воедно, ја потврдивме посветеноста на Македонија кон процесот SEDM и понатамошниот развој на SEEBRIG, како и нашата поддршка за непречено и успешно спроведување на релокацијата на Командата во Истанбул. Во иднина продолжуваме активно да придонесуваме кон зајакнувањето на регионалната соработка, меѓусебната доверба и стабилноста, објави Мисајловски.

На генералот Битри, тој му посака успех во понатамошната професионална кариера.