Никој не и гарантира на Македонија дека ќе чекориме по патот на евроинтеграциите само со потпишување на  срамниот и капитулантски договор што го направија СДСМ и Зоран Заев, истакна денеска Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

– Тоа е најсрамниот договор во историјата на дипломатијата. Нивната „патлиџан дипломатија“ ги обесчести и ги покори Република Македонија и македонскиот народ. Заев е човек кој нема црвени линии кога треба да ги исплати фактурите кои што ги должи за неговото доаѓање на власт. Заев и СДСМ се откажаа од името, од нацијата, од идентитетот, и македонското малцинство без око да им трепне. Нашите соседи благодарение на Заев веќе не нарекуваат Северна Македонија и згора на се, Заев и СДСМ удрија и врз сопствениот народ кој излезе да протестира против срамниот и капитулантски договор, рече Мисајловски.

Тој потсети дека со овој договор неколку пати се прекршува Уставот.
– Во срамниот и капитулантски договор никаде не стои името на нашата земја Република Македонија. Никаде во договорот не стои дека се потпишува во името на државата Република Македонија, ниту пак во името на граѓаните на Република Македонија или пак дека некој се овластува во името на Владата на Република Македонија да се потпише ваков договор или спогодба односно самиот збор Република Македонија го нема никаде во овој договор. Со ова се погазува Уставот на Република Македонија, бидејќи тој е највисок акт на една држава и сите превземени активности и обврски мора да произлегуваат за секој поединец, поготово за некој што добил мандат и дал заклетва пред Собранието на Република Македонија дека ќе ги штити Уставот, законите и националните интереси, нагласи Мисајловски.

Тој рече дека со ова грубо е прекршен Уставот при самото потпишување на срамниот договор, за сега уште еднаш СДСМ да се обидат да го прекршат Уставот со објавување на законот во Службен весник без потпис од страна на Претседателот Иванов.

– И покрај сите отстапки од страна на СДСМ, Заев, Димитров и останатите направени без црвени линии за нив Република Македонија не доби датум за преговори со ЕУ, како што ветуваше Заев. Никој не ни гарантира дека ќе чекориме по патот на евроинтеграциите само со потпишување на овој срамен договор. Оваа Влада не е способна да ги заврши нити реформите, кои се покажаа како клучни. Сепак корупцијата и криминалот царуваат во Република Македонија, рече тој.

Мисајловски ги повика сите незадоволни граѓани да го искажат своето незадоволство од оваа власт.

– Сите оние кои се незадоволни од овој срамен и капитулантски договор кој е пораз на оваа „патлиџан дипломатија“, сите оние кои се против економското цунами кое што ни се случува и против овој грабеж што и се случува на Република Македонија и тоа на секаков план од страна на власта, ве повикуваме сите граѓани на Република Македонија заедно со нас, во недела во Струмица, во 13 часот во паркот во Струмица, на протестен марш да го искажеме нашиот револт кон овој хаос што ни се случува во Република Македонија на секое поле. Ние имаме визија, имаме план и заедно како да успееме понатака. Оваа криминална влада мора да падне, Република Македонија ќе победи, порача Мисајловски.