По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, министерот за одбрана Владо Мисајловски упати искрени честитки до сите вработени во одбраната и сите припадници на Армијата.
„Почитувани вработени во одбраната и припадници на Армијата, денешниот ден ја симболизира вредноста и важноста на трудот на секој еден вработен. Високо ја вреднувам вашата работа, вашата посветеност, мотивираноста која е видлива секој изминат ден, работејќи на процесите кои нè прават побезбедни и посилни. Ве охрабрувам со истиот ентузијазам, професионалност и посветеност да продолжите да придонесувате во заштитата на националните интереси и безбедноста на граѓаните“, истакнува министерот Мисајловски.
Професионализмот, тимската работа и заедништвото кои ги покажувате пред секој предизвик и секој ангажман, рече министерот, се квалитети кои ве одликуваат и ве водат секојдневно. „Вие сте темелот на безбедноста на државата и сигурноста на македонските граѓани. Честит 1. Мај!“, потенцира министерот.




