По низата пожари во Македонија се констатираше дека има општ хаос, дека во Македонија не функционира системот за управување со кризи. Досега немало ниту одговорност за тие што палат пожари, а сега МВР има фатено двајца.
Ова го истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски, во своето гостување во емисијата „За или против“ на Алфа.
Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи претпладнево на состанок донел одлука да и препорача на Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјава.
-Седум години општ хаос се правел како институциите да паднат на колена, хаос во секој сегмент во управување со кризите. Ние во Вашингтон кога бевме, онлајн имавме седница и веднаш побаравме кризна состојба. Јас и Панче (Тошковски) отидовме веднаш на терен, да го ставиме на располагање секој капацитет. Ние немаме систем за управување со кризи и тоа мора да гопризнаеме. Седум години не е направено ништо, мора да се сработи. Имаме проблем каде дел од хеликоптерите се нефункционални. Јас кога дојдов еден функционираше, сега се два. Побаравме помош од наши пријателски земји да ни помогнат и благодарен сум за помошта, истакна Мисајловски.
Тој посочи дека веднаш мора да се направи посебна стратегија за управување со кризи бидејќи претходната Влада бегала од проблемите.
Тој откри дека има магацини во Дирекцијата за заштита и спасување кои не се отворени, никој не знае што набавувале и дали е согласно закон, а ниту што има внатре.
Мисајловски се заблагодари на припадниците на АРМ, на МВР, градоначалниците, сите кои се вклучија во гаснење на пожарите. Како миннистер за одбрана посочи дека ќе најде начин да ги награди припадниците на АРМ за пожртвуваноста во гаснење на пожарите.