Подобри услови за работа и извршување на задачите на припадниците на македонската Армија. Тоа е нашата искрена заложба и цел кон која посветено работиме, затоа што припадниците на Армијата го заслужуваат најдоброто, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Министерот за одбрана, заедно со командантот на 1. пешадиска бригада, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски, денеска ги посети припадниците на лесната пешадиска баталјонска група во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Во рамки на посетата, министерот изврши увид во реновираниот објект кој е ставен во функција во касарната, како дел од активностите за подобрување на условите за работа и престој на припадниците на Армијата.
-Продолжуваме со инвестирањето во инфраструктурата. Уште еден проект во касарната „Јане Сандански“ во Штип е успешно завршен, за што беа издвоени 33,7 милиони денари. Целосно е реконструиран и ставен во функција објект со нова енергетски ефикасна фасада, нов кровен покривач, обновени инсталации и подобрени услови за работа, како и други инфраструктурни активности за целосно унапредување на објектот, посочи министерот.

Мисајловски оцени дека оваа инвестиција е уште една потврда дека грижата за секој еден припадник на македонската Армија е врвен приоритет.
Од Министерството за одбрана информираат дека посетата е дел од редовните активности на министерот Мисајловски за следење на напредокот на градежните проекти во касарните низ државата.




