Албанскиот премиер Еди Рама претпладнево ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера коментираше дека посетата „и не во баш најсоодветен момент“, јави дописничката на МИА од Атина.

Собирот ќе се одржи во затворена спортска сала во атинска населба, а според грчките медиуми за безбедноста на Рама за време на престојот во Атина, што се води како приватна посета, ангажирани се над 1.000 полицајци и планирани се драконски безбедносни мерки што вклучуваат и хеликоптери и дронови.

За посетата на Атина, самиот Рама минатата седмица на платформата Икс рече дека не е поврзана со внатрешните работи на Грција или евроизборите, а во петокот на Фејсбук објави фотографија со детали за настанот и ги повика Албанците кои се во Атина и околината да присуствуваат на собирот.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на брифингот со новинарите во четвртокот рече дека во вторникот, официјално биле информирани за посетата на Рама, а локацијата беше одредена речиси во последен момент.

Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија Алфа вчера во однос на посетата на албанскиот премиер рече дека „Грција е демократска земја, која уставно го гарантира правото на одржување собири и очигледно никој никогаш не би му забранил на странски лидер да дојде, да оствари приватна посета за да им се обрати на неговите сонародници“.

-Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува. Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време. Но, како и да е, да не му даваме и поголема важност, рече Мицотакис.

Со идентичен став беше и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, кој во интервјуто за грчкото радио „Скај“ во четвртокот истакна дека посетата не е во соодветен момент и коментираше дека се работи за приватна посета, а не на покана на грчката Влада.

-Она што е навистина точно е несоодветниот момент на оваа посета, со оглед на фактот што од една страна албанските избори нема да се одржат пред 2025 година, а од друга страна веќе сме во пред изборен период во пресрет на европските избори, рече Герапетритис.

Посетата на Рама на Атина е во период кога односите меѓу Грција и Албанија се заладени поради случајот со осудениот градоначалник на Химара Фреди Белери, кој иако е во затвор во Албанија е еден од 42-та кандидати за пратеници во Европскиот Парламент од редовите на грчката владејачка партија Нова демократија.