Семејството Јованови од Велес ќе добијат еднократна парична помош од Министерството за труд и социјална политика, а ќе биде разгледана и можноста за користење на правото за социјална пензија или годишен минимален приход.
Ова го соопшти министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи на својот Фејсбук профил по посетата на домот на Јордан Јованов и неговата мајка Анѓелина.
-Го посетивме домот на Јордан Јованов и неговата мајка Анѓелина затоа што условите во кои живеаат се загрижувачки. Очајно им е потребна помош и веднаш се заложуваме како Министерство во рамките на законските можности, да помогнеме со еднократна парична помош. Исто така и од Центарот за социјални работи во Велес ќе побараме веднаш да ги посетат и да се разгледа можноста за користење на правото за социјална пензија или годишен минимален приход. Мило ми е што веќе неколку приватни фирми се јавиле да понудат директна помош за станбениот дел. Хуманоста побрза од државата, хуманите граѓани веќе се пријавија за помош, објави Мизрахи.