Жестоко протестираме поради непочитување на две препораки на Владата за ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и хронично болни лица, соопштува Македонскиот дипломатски синдикат (МДС).

Во продолжение целото соопштение од МДС за препораките од Владата на чие чело е Димитар Ковачевски и, како што тврди синдикатот, непочитување на одлуката од страна на МНР, на чие чело е Бујар Османи:

Првата препорака се однесува на периодот 21-24 јули и целосно не беше испочитувана. Со втората препорака овој период беше пролонгиран до 27 јули. МНР само делумно ја испочитува втората препорака на Владата и ги ослободи ранливите категории од обврска за доаѓање на работа само на 26 и 27 јули оваа година.

Македонскиот дипломатски синдикат се обрати до министерот Османи и неговите соработници уште на 1 јули о.г. со молба да се имаат предвид временските услови и жештини карактеристични за овој период и да се обезбеди соодветна заштита или ослободување од работа на ранливите категории вработени, како што се бремените жени, хроничните болни, вработените над 60 г. старост итн.

За жал, не само што барањата на МДС упорно не се земаат предвид, туку не се почитуваат ниту препораките на Владата.

Не разбираме од каде ваква нехуманост и непрофесионализам? Не толку одамна, нас не напушти драг колега поради ненавремени и несоодветни мерки за заштита од КОВИД 19.

Дали треба колешки и колеги да почнат да паѓаат по скали за да МНР ја разбере својата одговорност за здравјето на вработените во работно време?

МДС продолжува да се бори за добробит на сите вработени на полето на економски, социјални, здравствени и професионални права.