Индискиот премиер Нарендра Моди на 76тата сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации порача дека Индија е подготвена самата да се брани од надворешните закани и опасности од терористички напади кои можат да дојдат од Авганистан преку Пакистан, пренесува Азија Тајмс.

Во обраќањето Моди нагласи дека Индија е способна да ги одврати сите евентуални закани без разлика дали тие доаѓаат од копно (од областа Кашмир или Ладак) или од вода преку Индискиот океан.

-Индија нема да го жртвува сопствениот суверенитет за да дозволи на НАТО да ги задоволи сопствените потреби за воени игри против талибанците од индиска територија, порача индискиот премиер Моди.

И покрај притисокот од внатрешните индиски прозападни поддржувачи, речиси е невозможно Индија да биде убедена да дозволи НАТО да се стационира во Индија и од таму да врши напади врз Авганистан.

Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи смета дека војните во 19 и 20 век кои Британија ги водела против Авганистан и Тибет од територијата на Индија се грешка која доколку се повтори денес би имала уште поголеми последици.

Што и да биде понудено во замена за НАТО да постави база со воени дронови, Индија сфаќа дека нема да има корист од тоа. Напротив, само ќе има дополнителни регионални поместувања и сериозни проблеми со соседите, пишува Азија Тајмс.