Во наставната програма за шесто одделение за следната учебна година која е објавена на интернет страницата на Бирото за развој на образованието (БРО) недостасуваат предметите географија, историја и етика на религиите, но од Министерството за образование и наука (МОН) велат „се работи за етапни фази на подготовка на програмата и дека сите предмети ќе има и во шесто одделение“.

– Информираме дека во финална фаза на подготовка е наставната програма со три модули, преку која ќе се изучуваат историја, географија и граѓанско образование за шесто одделение, а ќе ја реализираат наставници кои и досега ги предаваа овие предмети. Изработката на наставната програма е надлежност на Бирото за развој на образованието и по одобрување, истата ќе биде јавно достапна, рекле од МОН за А1он.

БРО на својата веб-страница објави наставна програма за учебната 2023/24 година за шесто одделение во која ги немаше предметите географија, историја и етика на религиите што предизвика жестоки реакции од родители на Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“ во која членуваат речисии 80.000 родители.

– Нашите деца не треба да знаат ништо од ова! Нашите деца не треба да знаат ништо за македонското минато и нивните предци. А што понатаму и без географија? Според нив и етика на религии, предмет во кој децата ги изучуваат сите религии во светот, не треба да постои. Со еден збор го бришат моралното, етичкото, историското, религиското, стои во реакцијата.

Активистката Драгана Спасевска најави дека ќе се менува цел систем по моделот на Финска, а ќе има и нова концепција за средно образование.

– И ќе гледаме повторна репрзиза и молење за учебници. И ќе се молиме да не се бришат предмети! Едно не ми е јасно? Дали наставниците не се свесни дека можеби ќе им пропадне работното место од септември? Или можеби ќе ги пренасочат да бидат образовни асистенти и дефектолози? Ќе се сплотиме ли овој пат заедно и родители и наставници да кажеме СТОП на овие реформи и да направиме се што можеме во најдобар интерес за децата?, се вели во реакцијата.