Бившиот вицепремиер и министер за надворешни работи Никола Димитров, чија ќерка додека беше на власт доби државна стипендија за студии во странство, сега освен што раскажува „патриотски“ прикаски, денеска раскажува и за клиентелизам за прваче:

– 1 ви септември, свечен ден за сите ученици, посебно за првачињата. Почнуваат нова прекрасна и важна фаза во животот. Пред некој ден еден другар кој има првоодделенче, ми раскажа дека фаќале врски за детето да биде во „класот со учителката која била квалитетна и си ја знаела работата. „Повеќето биле во образовниот систем“ поради партиската поддршка. Го раскажувам истово на друг познаник, кој веднаш го отвори телефонот за да ми покаже пораки за истата работа – младиот татко барал чаре за синчето да се падне во тоа и тоа одделение, бидејќи таму имало добра и многу способна учителка, раскажува Димитров на својот профил на Фејсбук.

Натаму Димитров прашува: Како успеавме, за три децении самостојна држава, да стигнеме до ова дереџе?

– Па, на Писа тестовите за квалитет на образованието (читање, математика и научна писменост) да бидеме речиси на европското дно? Веројатно има многу фактори, но една работа посебно ми боде очи. Партизација на училишта, учители и наставници вработени преку партиски списоци. Да знаете дека најголемиот проблем на Македонија денес е клиентелизмот – бидејќи го еродира и распаѓа целиот систем. Патот напред е да пресликаме успешни модели од Естонија или Финска, Словенија … а партиите да ги тргнеме далеку од кадровски решенија по школи, вели Димитров, кој беше вицепремиер и министер во владите на Зоран Заев.

Секако, Димитров, со неговите забелешки е во право. Но, каде беше сегашниот остар критичар на власта, и по патриотска и по клиентелистичка линија, додека ја делеше власта со истите субјекти кои и денес владеат?

Во продолжение неколку наслови, во врска со темата за која пишува, што сме ги објавувале додека Димитров не беше критичар, туку беше функционер.

(Д. Г.)