Полскиот премиер Матеуш Моравиецки ја обвини ЕУ дека им вперила пиштол во главата, барајќи од неговата земја да ги повлече судските реформи, заканувајќи ѝ се со санкции.

Полска е во жестока конфронтација со Европската унија поради низата контроверзни судски реформи.

Брисел смета дека реформите ги попречуваат демократските слободи, додека Полска вели дека тие се потребни за да се искорени корупцијата меѓу судиите.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Матеуш Моравиецки ја повика ЕУ да ја поништи одлуката да бара од Европскиот суд на правдата да и изрече парична казна на Полска за реформите.

-Тоа би било најпаметното нешто што можат да го направат. Затоа што тогаш нема да зборуваме едни со други со пиштол во главите, рече тој.

Запрашан дали Полска може да стави вето на одлуките на ЕУ како свој противодговор, Моравиецки кажа: „Што ќе се случи доколку Европската комисија ја почне Третата светска војна? Доколку тие ја почнат Третата светска војна, ние ќе ги браниме нашите права со сето оружје што го имаме“.

На почетокот на овој месец, Уставниот суд на Полска пресуди дека делови од законодавството на ЕУ се некомпатибилни со полскиот Устав. Одлуката ги зголеми стравувањата дека Полска може да го напушти блокот.

Спорот беше пренесен на самитот на лидерите на Европската унија во Брисел минатата недела, на кој Моравиецки кажа дека Полска е подготвена за дијалог, но дека нема да дејствува под притисок на изнудата.