Полскиот премиер Матеуш Моравјецки доцна синоќа изјави дека неговата земја повеќе не му доставува оружје на Киев, бидејќи се фокусира на сопственото вооружување.
Тој го изјави ова неколку часа откако Варшава „итно“ го повикала украинскиот амбасадор во знак на протест поради изјавите на претседателот Володимир Зеленски, кој ја критикуваше Полска и некои други земји во ОН поради ембаргото за украинското жито.
– Не пренесуваме веќе оружје во Украина затоа што самите се опремуваме со најмодерно оружје, рече полскиот премиер вчера (20.09) за телевизијата Полсат Њус, непосредно по ескалацијата на спорот меѓу двете земји околу извозот на жито од Украина. Полската армија, според премиерот Моравјецки, треба брзо да стане една од најсилните копнени армии во Европа, објави Дојче Веле.
Од почетокот на војната, Варшава е еден од најголемите поддржувачи и добавувачи на оружје на Украина. Најавата за прекин на испораката на оружје дојде неколку часа откако Варшава му врачи протест на украинскиот амбасадор поради изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Обединетите нации во конфликтот околу извозот на жито.
Спорот ескалираше во последните неколку дена. Поради руската инвазија на Украина блокиран е класичниот пат за извоз на украинското жито преку Црното Море. ЕУ воведе трговски ограничувања на Украина за копнен транспорт со цел да ги заштити земјоделците во транзитните земји – вклучувајќи ги Полска, Унгарија, Бугарија и Романија. Беше дозволен транспорт на житото од Украина низ тие земји, но не и негова продажба таму.
Минатата недела Европската Комисија објави крај на трговските ограничувања. Полска, Унгарија и Словачка веднаш потоа објавија дека нема да се држат до тоа. Полска се закани и дека ќе воведе ограничувања за увоз на други производи од Украина. Украинскиот претседател Зеленски во вторникот (19.09) во ОН рече дека некои земји само глумат солидарност и индиректно ја поддржуваат Русија.
Француската министерка за надворешни работи Катрин Колона за АФП изјави дека држењето на Полска до забраната за увоз на украинско жито е неоправдано. „Овие тензии се за жалење“, рече Колона на маргините на Генералното собрание на ОН. Според студија на ЕУ, украинскиот увоз на жито нема да го наруши пазарот и нема да ги попречи европските земјоделци, нагласи министерката.
Моравјецки од своја страна го бранеше ставот на Полска. „Ние бевме првите што направивме многу за Украина. Затоа очекуваме тие да ги разберат нашите интереси“, изјави Моравјецки за Полсат Њус. „За нас се најважни интересите на нашите земјоделци.“
На 15 октомври во Полска ќе се избира нов парламент. Со оглед на тоа, увозот на жито е чувствително прашање. Владејачката партија ПиС има силна поддршка во земјоделските региони во земјата.