Австралискиот премиер Скот Морисон денеска изјави  дека Австралија и ставила до знаење на Франција дека може да се повлече од договорот од 2016 година за набавка на нивните подморници, а тоа било сторено во неговиот разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, во јуни, со што ги отфрли француските критики дека тие не биле предупредени.

Австралија вчера соопшти дека ќе го отфрли договорот вреден 40 милиони долари со француска компанија која требаше да изгради флота од конвенционални подморници и наместо тоа ќе изгради најмалку осум нуклеарни подморници со американска и британска технологија, откако го склучи трилатералниот догтовор за партнерство во безбедноста.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан оваа нивна одлука ја опиша како „забивање нож в грб“.

Морисон вчера кажа дека Франција била известена за одлуката пред објавувањето, но Франција тоа го негираше.

Овој проект ја поништи огромната австралиска нарачка за изградба на подморници од Франција, која изрази остри реакции кон Канбера, обвинувајќи ја за прекршување на дадениот збор, како и против американскиот претседател eо Бајден.

-Не бевме информирани за проектот пред да се појават првите информации во американскиот и австралискиот печат, неколку часа пред официјалната објава на американскиот претседател Џо Бајден, рече портпаролот на француската амбасада во Вашингтон, Паскал Конфавро.

Морисон денеска призна дека ги нарушил австралиско-француските односи, но инсистираше на тоа дека морал во јуни да му каже на францускиот претседател Емануел Макрон дека Австралија се премислила за договорот и дека можеби ќе треба да донесе поинаква одлука.

-Го кажав тоа многу јасно, имавме долга вечера во Париз, за ​​нашите многу важни грижи за способностите на конвенционалните подморници да се справат со новата стратешка средина со која се соочуваме, рече Морисон за Радио 5аа.

„Многу јасно кажав за што станува збор и дека Австралија ќе мора да донесе одлука што е од наш национален интерес“, рече тој.

Напнатоста на австралиско-француските односи дојде во време кога САД и нивните сојузници бараат дополнителна поддршка во Азија и Пацификот поради загриженоста за зголеменото влијание на се посилната Кина.