Унгарија мора да остане членка на Европската унија за да обезбеди пристап до нејзиниот единствен пазар, изјави премиерот Виктор Орбан, додавајќи дека неговата земја ќе биде меѓу последните што ќе ја напушти Унијата доколку некогаш се распадне.

Будимпешта и Варшава се расправаат со Брисел за различни прашања – од ЛГБТ правата до медиумските слободи.

Европската комисија почна правна постапка против двете нејзини членки заради, како што наведува, дискриминација на геј заедницата.

Конзервативниот националист Орбан изјави дека за Унгарија, нето -примач на средства од ЕУ, главната причина за останување во ЕУ не се парите што доаѓаат од Брисел.

-Ако ја погледнете целата година, добиваме повеќе пари од Брисел отколку што плаќаме, но ако ја одземете сумата на пари што западните компании ја извлекуваат од Унгарија секоја година, салдото е негативно, рече Орбан за националното радио.

„ЕУ е важна за нас бидејќи на Унгарија и дава пазар“, додаде тој.

-Мораме да се заземеме за ЕУ ​​и да останеме во неа. Затоа велам дека, без оглед на проблемите, ние ќе бидеме меѓу ретките што ќе останат во Унијата доколку некогаш исчезне, објасни унгарскиот премиер.