Светските медиуми зборуваат за нов пораз за Русија, наведувајќи дека НАТО го надминал рускиот отпор и повторно се шири на Балканот, поздравувајќи ја Македонија во своите редови.
На крајот на бајката, сите 29 членки на НАТО, како и Грција – со која имаше најмногу проблеми во оваа приказна – симболично ќе го потпишат протоколот за членство, се наведува во текстот на Максим Саморуков, уредник во Карнеги центарот во Москва, објавен во „Москоу тајмс“.
„Среде оваа идилична сцена, Русија е оставена да ја одигра улогата на злобната самовила, која се обиде да ја уништи прославата за сите од чист инает, но доживеа тежок пораз. И како во бајката, среќниот крај за Македонија и НАТО беше очигледен уште од самиот почеток. Сепак, Русија избра да застане на страната осудена на пропаст“, се посочува во текстот.
Авторот оценува дека овој случај покажува дека конфронтирањето со Западот е вроден за Русија, без разлика на исходот, и дека доколку има шанса да поентира, па макар тоа било бесмислено и направено единствено за да ги фрустрира сите други, Москва ќе го стори тоа.
„Во стилот на Достоевски, колку повеќе напорите се безнадежни, толку е посладок самонанесениот пораз“, вели Саморуков.
Тој потсетува дека кога пред 10 години Албанија и Хрватска се приклучуваа во НАТО, тоа беше без посебно мешање на Русија и оти се очекувало истото да се случи и со Македонија, со оглед на тоа дека Москва „нема некој посебен интерес ниту влијание таму“.
Но, откако во 2014 година изби кризата со Украина, која сериозно ги наруши односите на Русија со Западот, а во 2015 година почнаа протести во Македонија против владата на тогашниот премиер Никола Груевски, Москва, како и сите други обоени револуции, демонстрациите ги оцени како масло на странски сили.
„Фактот дека ЕУ со години го фалеше Груевски како прозападен реформатор не ја обесхрабри Русија, ниту фактот дека тогашниот премиер и неговата ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа членството на земјата во Алијансата“, се истакнува во текстот.
Саморуков посочува дека изјавите полни со критики од руското Министерство за надворешни работи, осудувачките публикации во руските медиуми во државна сопственост, сомнителната активност на социјалните медиуми и посета на Кремљ од страна на македонскиот претседател Ѓорге Иванов – кој е близок со Груевски – беа доволни за да го убедат Западот за големото мешање на Русија во Македонија со цел промена на геополитичката ориентација на земјата. Потоа немаше враќање.
Западот се мобилизираше за да помогне на владејачката коалиција, составена од социјалдемократи и албански партии, не само да дојдат на власт, туку и вистински да направат прогрес на патот кон ЕУ и НАТО.
„Русија, крајно алергична на секакво проширување на НАТО, беше принудена да се фокусира на преостаната пречка за интеграцијата на Македонија во тие две тела – спорот со Грција за името на Македонија“, се вели во текстот во „Москоу тајмс“.
„И додека Западот ги вложи сите свои напори во медијацијата помеѓу Грција и Македонија во тој спор, Русија избра тактика што дури и теоретски не дозволуваше можност за успех. Москва им предложи на двете земји да не прават ништо и едноставно да чекаат сè додека тоа прашање не стане помалку чувствително, како претходните дваесет и седум години да не беа доволни“, се потенцира во текстот.
Во него се додава дека Преспанскиот договор за менување на името од Македонија во Северна Македонија е потпишан од двете влади, а сепак Русија го критикува како неприфатлив, повикувајќи се на лутината на националистите во двете земји.
Саморуков оценува дека во критиките од Москва имало и фер поенти, посебно во делот на резултатите од референдумот, на кој имаше излезност од само 38 отсто, но од оние што го дадоа својот глас, над 90 отсто гласаа позитивно. Тој потсетува и на обезбедувањето мнозинство во парламентите на Македонија и Грција за договорот, кое беше проследено со тешкотии.
„Во услови на толку многу компликации, договорот можеше да пропадне многу пати и да се спушти на списокот на приоритети на Западот – само доколку ги немаше тврдоглавите критики од Русија“, оценува авторот.
Тој дополнува дека големата нетрпеливост на Москва го принуди Западот да не се откаже под никакви околности, бидејќи влогот оддеднаш ја прерасна малата периферна балканска држава до пораз во геополитичкиот спор со Русија. А Русија беше таа која го зголеми влогот, поентира Саморуков..
„Понатаму, навистина не е јасно што би бил долгорочен успех за Русија. На Македонија ѝ беше потребен договор за остварување на својот сон за пристапување во ЕУ и НАТО, додека Грција требаше да се заштити од растечкото влијание на Турција во Македонија. Во двата случаи, ова се непартиски приоритети кои нема да исчезнат со промена на режимот“, пишува во написот.
Поддржувајќи ги противниците на договорот, Москва се вовлече во домашната политика на двете земји и се здружи само со едната страна и тоа онаа која веќе нема да има потреба од руска помош, откако ќе дојдат на власт – политичарите во Грција и Македонија треба само да го критикуваат договорот како начин за доаѓање на власт. Потоа, новите лидери со задоволство ќе ги отпишат непопуларните одлуки како наследство на нивните претходници и ќе бидат пресреќни што живеат во поудобна реалност“, коментира авторот.
Македонската Влада ја гледа Русија како непријател, додека македонската опозиција нема намера да се ориентира кон Москва и продолжува да го поддржува влезот на Македонија во НАТО. Земјата ќе ѝ се приклучи на Алијансата многу побрзо отколку што луѓето до неодамна можеа само да сонуваат.
„Сето ова се претвори во уште еден извор на иритација во оптоварените односи меѓу Русија и Западот. Обидот на Русија да се спротивстави на неизбежното само го забрза неговото напредување, додавајќи уште една капка меѓународно понижување за Русија и нанесувајќи штета на нејзините интереси во регионот“, се наведува во текстот на Саморуков, објавен во „Москоу тајмс“.