Рускиот претседател Владимир Путин ја поздрави одлуката на својот американски колега Доналд Трамп да ги повлече своите војници од Сирија.
Тој го оцени таквиот потег како правилен, истакувајќи го повторно рускиот аргумент дека военото присуство на САД во Сирија е незаконско, бидејќи не е дозволено од Советот за безбедност на ОН или од сириската Влада.
– Останува да се види дали САД ќе го исполнат својот план, нагласи Путин, потсетувајќи дека Вашингтон повеќе пати ветувал дека ќе го повлече својот контингент од Авганистан, па и понатаму е таму веќе 17 години.
Рускиот претседател се согласи со оценката на Трамп дека џихадистичката група Исламска држава е целосно поразена во Сирија.
Путин предупреди за опасност терористите да се префрлат од Сирија во други земји во соседни региони, како на пример во Авганистан. Тој потврди дека Русија ќе ја зајакне својата база во Таџикистан додека ситуацијата во Авганистан не биде решена.