Повлекувањето на САД од договорот со Русија за нуклеарното оружје од среден дострел, може да предизвика војна.

Ова го изјави шефот на Одборот за меѓународни работи на Советот на Руската Федерација Константин Косачев и побара свикување на седница на Советот за безбедност на ОН, на која би се разговарало за „критичната ситуација“.

– Западните сојузници на САД мора да направат избор – било да се одлучат за истиот пат, што може да доведе до нова војна, или да застанат на страна на здравиот разум, судејќи по инстинктот за самоодржување. Затоа што едвај дека некој ќе преживее нуклеарен судир, кој се приближува по едностраната одлука на САД за договорот, напиша Косачев на Фејсбук, пренесува ТАСС.

Тој оцени и дека треба да се одржат консултации помеѓу четирите нуклеарни сили (без САД) и итно да се разговара на Конференцијата за разоружување во Женева, како и на седница на Советот за безбедност на ОН.

– Ситуацијата е критична и заканите за мирот добиваат посебен облик, напиша Косачев.

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека САД ќе се повлечат од договорот за нуклеарното оружје со среден дострел, бидејќи Русија го крши договорот, но не понуди ниеден пример за какво прекршување станува збор.

Договорот за уништување на ракетите со среден и краток дострел од 1987 година забранува производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со домет од 500 до 5.500 км, и се однесува на балистичките и крстаречки ракети кои се лансираат од копно.