Новиот српски патријарх Порфириј со ставовите изнесени во интервјуто за РТС само потврди дека нема да отстапува од утврдената надворешна политика на неговата црква во однос на конечното решавање на македонското црковно прашање, велат за МИА извори од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Истите извори на барање на МИА да дадат коментар на ставовите кои српскиот патријарх ги изнесе во интервјуто, велат дека Порфириј во својот прв јавен настап директно ја посочил Цариградската патријаршија како рушител на канонскиот и преданиски поредок на православната црква.
-Новиот српски патријарх само го потврди тоа што се очекуваше, дека лично, како и досега како високопозициониран клирик на Српската патријаршија, а и отсега, како претстојател на тронот на српските патријарси, нема да отстапува од утврдената надворешна политика на неговата црква по однос на украинското црковно прашање, а со тоа и во однос на Вселенската патријаршија, како и по однос на конечното решавање на македонското црковно прашање, велат од МПЦ-ОА.
Додаваат дека ако неговите собраќа блаженоупокоениот митрополит Амфилохиј и духовникот на патријархот, епископот Иринеј Буловиќ, во своите јавни настапи не штеделе зборови за да ги девалвираат Цариградската патријаршија и личноста на Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, „во овој свој прв јавен настап, можеби зашто е прв, не толку емотивно, но сепак директно ја посочи Мајката црква – Вселенската патријаршија како рушител на канонскиот и преданиски поредок на православната црква“.
-Ова само по себе е доволно да биде опишано како скандал и како прв непотребен, аполитичен излет на патријархот г. г. Порфириј. Суптилно да ја обвиниш Цариградската патријаршија за нарушување на каноните, е безмалку приопштување кон тоа што не е вистина, а сака да се претстави како реален факт од страна на руската негативна пропаганда, нагласуваат извори од МПЦ-ОА.
Сметаат дека новиот српски патријарх не е подготвен „да го жртвува својот внатрешен кредибилитет, ако сакате и комфорт, за да постави една поинаква насока кон решавањето на отворените надворешни прашања во православието“.
-Веројатно и полесно му е, а уште поверојатно зашто е убеден во тоа, да се постави на веќе утврдениот пат, како заштитник, како што самиот вели, на „поредокот и каноните“, иако не се работи за тоа, туку се работи за страв, па оттаму е и заедничкиот интерес со РПЦ, дека за статусот на МПЦ конечно решение ќе предложи Цариград, а тоа решение веројатно нема да е по волјата на СПЦ, велат од МПЦ-ОА.
Пред СПЦ, како што наведуваат од МПЦ-ОА е изборот дали ќе се постави, како и РПЦ, надвор од решавањето на спорот, порекнувајќи ги правата и привилегиите на Цариградскиот престол, утврдени со соборите или ќе се надмине, давајќи го своето амин.
Во однос на очекувањата на високи црковни лица на МПЦ-ОА за поголемо разбирање од новиот српски патријарх од неговите претходници за решавање на статусот на македонската црква, извори од МПЦ-ОА за МИА велат дека изјавите на некои од нашите митрополити по изборот повеќе треба да се сфатат како мотивациони кон новиот српски патријарх, како искажаниот оптимизам во духот на тоа како би требало православните да ги решаваат отворените прашања и проблеми.
-СПЦ е добредојдена да биде добронамерна и да не го кочи процесот. Секако, тоа е желба и потреба на ова време-невреме за православието, воопшто, зашто некои од православните цркви станаа заложнички на империјалистичките политики на своите матични држави, а да не зборуваме дека има и други проблеми во православието кои треба соборно и со љубов да се решаваат, во духот на верата, а не со политички и еднострани мотиви. Во право беше неговата сесветост, вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, кога на почетокот на пандемијата, сумирајќи ги состојбите во православната црква, изјави дека „во опасност не е верата, туку верниците, не е Христос, туку христијаните, не е Богочовекот, туку ние луѓето“. Ова е доволно отрезнувачки и добрата појдовна точка, кога преку личната признателност на недостатоците и грешките, ќе тргнеме во решавање на проблемите, нагласуваат од МПЦ-ОА.
Во однос на тоа дека СПЦ во решавањето на црковниот спор се повикува на црковните канони, а на црковните канони се повикуваме и ние и за тоа каде е вистината, од МПЦ-ОА наведуваат дека Српската црква треба да погледне во својата црковна историја и на фактот како таа ја доби својата автокефалија, па тогаш да каже дали постапката на Цариград и во однос на Украина, а и во однос на МПЦ, е канонска.
Во однос на споменувањето на Јован Вранишковски како решение и на Нишкиот договор од страна на српскиот патријарх, извори од МПЦ-ОА за МИА велат дека не е неочекувано тоа што г.г. Порфириј се обидел да каже дека во моментот СПЦ нашла решение за црковниот проблем со поставувањето и изборот на Јован за охридски архиепископ.
-Ако внимателно се анализира оваа изјава, се воочуваат две нешта: дека за новиот српски патријарх ова е моментално решение, зашто вели „во моментот“, со што е очигледно признанието дека ова не е ни вистинското решение и дека спорот не е решен и второ – вели дека СПЦ го избрала и поставила за архиепископ Јован, со што се потврдува константната тенденција на СПЦ во однос на МПЦ, а тоа е намерата тука да не постои автокефална црква. Секако, прво тоа не е во согласност со веќе донесената одлука на Саборот на СПЦ и констатацијата дека „епархиите во Македонија се одвоиле во засебна црква со свој устав и одредбите на уставот на СПЦ не важат за таа територија“, а второ е продолжение на опстојувањето на големосрпската црковна политика, нагласуваат за МИА извори од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.