Тренерот на Рома, Жозе Мурињо, рече дека му се потребни засилувања, но и дека е свесен за финансиската состојба во која се наоѓа клубот.

– Многу луѓе се смеат на она што претходните сопственици го направија со Рома. После нив клубот остана со многу тешкотии. Сегашните сопственици потрошија многу пари за да ги поправат грешките и се обидуваат да создадат услови за проект за кој е потребно време да се заврши. Има луѓе кои се смеат со полни џебови. Кога некој ќе каже дека Мурињо не е среќен, тоа е голема лага. Дали Мурињо сака повеќе играчи? Секако, како и секој тренер, сакам нови играчи за поголема ротација. Ама Мурињо не е неразбран, тој ги почитува сопствениците на клубот. Мурињо ја разбира и ја прифаќа ситуацијата, истакна Португалецот.

Мурињо се осврна и на дебаклот во Норвешка и поразот од Бодо со 1:6 во Конференциската лига.

– Таков резултат се случува еднаш во животот, но одговорност за тоа сносам сам. Не играчите, не спортскиот директор. Извадив таков состав, знаејќи дека ќе ризикувам да загубам со него. Не мислев дека ќе биде толку страшно. Ова го направив затоа што се плашев дека на вештачкиот терен играчите ќе се повредат, а јас немам по двајца играчи на секоја позиција во мојот тим. Ја преземам одговорноста врз себе, додаде Мурињо.

Рома вечер од 18 часот го пречекува лидерот во Серија А, тимот на Наполи.