Министерството за внатрешни работи (МВР) најостро ги демантира и ги отфрла како целосно неточни информациите во јавноста за наводни киднапери и киднапирања лица во земјава поради препродажба на човечки органи и ги повикува граѓаните да не потпаѓаат на шпекулации со кои се шири паника и страв.

-Категорично ги отфрламе шпекулациите за постоењето киднапери. Досега не се пријавени ниту случаи на киднапирање поради органи, ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи. За последните случаи на исчезнување кои се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопштивме дека се работи за класични случаи на самоубиство, наведува МВР во соопштението до медиумите.

Според Министерството, неосновани се и дезинформациите дека има пораст во бројот на исчезнати лица.

-Како што е соопштено и во текот на вчерашниот ден – статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата и дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94 отсто. Статистичките податоци од 2014 заклучно со 2018 покажуваат дека од 2008 пријавени случаи за исчезнати лица, пронајдени се 1876 лица. Дополнително, на веб страницата на Министерството за внатрешни работи може да се проверат сите податоци и сите актуелни случаи на исчезнати лица, соопшти МВР.