По 12 дена истрага полицијата издаде соопштение дека го решила случајот Флешер за кој Телма известуваше поради вмешаноста на синот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши.

МВР потврди дека имало инцидент и началничка интервенција за да се сопре потрагата по мерцедесот кој користел нелегално поставени флешери. Но, од МВР остануваат и на тврдењето на минисреот Оливер Спасовски дека има премногу шпекулации и дека мерцедесот не го возел синот на неговиот заменик Буши.

Од обезбедени видео снимки и други докази МВР утврдило дека мерцедесот на 26-ти ноември на Качанички пат со вклучени флешери го управувал извесен 29-годишен скопјанец Г.К. Возилото со регистрација 0202, кое според информациите на ТВ Телма е во сопственост на битолска фирма и често го користел синот на Буши, било донесено во полициска станица на проверка со веќе отстранети флешери.

Возачот добил казна за сообраќаен прекршок. Според информации на ТВ Телма казната е пишана на име Гентиан Колци.