Управните служби при Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните навремено да ги подигнат своите готови лични документи.

-Благодарение на реорганизацијата и зголемениот капацитет, управните служби моментално работат со максимална ажурност и ефикасност. Процесот е целосно оптимизиран и овозможува брзо и едноставно закажување на термините за фотографирање, минимално време за чекање пред шалтерите и експресно изготвување на документите во законски предвидениот рок (па дури и порано). Пред нас е период кога традиционално се зголемува фреквенцијата во управните служби поради годишните одмори и пристигнувањето на нашите сограѓани од дијаспората, информира МВР.

Од Министерството истакнуваат дека со навременото подигнување на готовите документи уште сега, граѓаните директно придонесуваат да се задржи овој брз и ефикасен ритам на работа и спречувате создавање на непотребни гужви и долги редици во пресрет на летниот период.

МВР ги повикува граѓаните да ја проверат важноста на документите и доколку веќе се фотографирале, да ги подигнат документите.