На територијата на Македонија се изречени 319 мерки за брзо возење при засилените акциски контроли на полицијата во сообраќајот во текот на вчерашниот ден, од кои 52 возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Како што информираат од МВР, 109 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 210 надвор од населено место.

Додека, пак, во текот на вчерашната вечер во периодот од 22:00 до 05:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при БЈБ со ангажирање на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата и Секторите за внатрешни работи Скопје, Велес, Штип, Куманово и Тетово при спроведена зајакната акциска контрола за откривање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол на територијата на град Скопје, констатираше 119 сообраќајни прекршоци. Од нив, за возење под дејство на алкохол санкционирани се 78 возачи, 22 за возење без возачка дозвола, шест за нерегистрани возила, а санкционирани се и други прекршоци. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

Од МВР најавуваат дека засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.