Здравствените установи во Скопје денеска и утре ќе работат вообичаено, иако утрешниот ден е прогласен за неработен за државната и јавната администрација поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ.
Од Министерството за здравство велат дека нема да има никакви пречки во испораката на здравствената заштита на пациентите во овие два дена. Поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ, медицинските установи се должни да имаат обезбедено дежурни лекарски екипи и друг медицински персонал со потребни простории и опрема за укажување на медицинска помош, доколку има потреба.
– Потребите за обезбедување на Самитот се веќе лоцирани. Лоцирани се екипи, возила, сѐ е покриено и во ред. Мапирани се екипи од други градови и се на „стенд бај“, доколку има потреба, ќе бидат ставени на располагање за задоволување на потребите, велат од Министерството за здравство во изјава за МИА.
И од Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) велат дека ќе работат вообичаено.
– Клиниката ќе работи нормално во среда и четврток, независно што во Скопје с еодржува состанокото на министри на ОБСЕ. Сите вработени ќе бидат на своите работни места, изјави директорот на ТОАРИЛУЦ Александар Трајановски за МИА.
Фото: МИА