Промената на цената на лебот се однесува на еден тип леб и корекцијата ја имаат направено три компании производители на леб од Скопје и една компанија од Тетово, како поединечна одлука на фирмите. До овој момент големите фирми не ја имаат зголемено цената на лебот, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Сите останати информации, додаваат од МЗШВ, се груби манипулации со јавноста.
-Доколку дојде до драстично зголемување на цените и на другите типови на леб, што би влијаело врз поскапување на животниот стандард, МЗШВ веднаш ќе интервенира преку Агенцијата за стокови резери, која по жетвата направи јавна набавка од 13.000 тони пченица. На тој начин ќе се интервенира на пазарот за стабилизирање на цената на лебот. Потсекторската група во рамки на МЗШВ веќе прави анализи, ја следи состојбата на пазарот и оваа недела ќе се одржи состанок со земјоделците производители на пченица и со мелничарите, порачуваат од Министерството.
Нагласуваат дека пченицата е берзански производ и цената ја диктира светската берза. Лани и оваа година, појаснуваат, поради климатските промени имаше помали приноси, што во опкружувањето предизвика недостиг на пченица и зголемување на цената на пченицата и на брашното, што може да е една од причините поради која неколку компании донесоа одлука за зголемување на цената на еден тип на леб од 15 на 18 денари.
-Пред почетокот на жетвата МЗШВ воведе сет мерки за поддршка на производството на пченица и на мелничката индустрија, како и за поголем откуп на домашна пченица. Се воведе субвенција од еден денар за килограм откупена домашна пченица за мелничарите, со цел да се поттикне производството и откупот на домашна пченица. Оваа мерка го поттикнува договореното производство и ја подобрува конкурентноста на домашната мелничка индустрија. Се зголеми минимумот пријавени површини за добивање целосна сума од програмираната субвенција за полјоделски култури, вклучително и за пченицата. Односно, ако досега 100 отсто од субвенцијата добивале оние кои пријавиле од 0,3 до 10 хектари, сега за оваа категорија на земјоделци ќе се исплаќа 100 отсто од субвенцијата за пријавени површини до 20 хектари. Висината на субвенциите за пријавените површини од над 100 хектари, наместо 10 отсто од субвенцијата, ќе изнесува 20 проценти. Исто така, навреме веднаш по завшрување на жетвата Агенцијата за стокови резерви го објави јавниот оглас за набавка на 13.000 тони домашна пченица, што придонесе за поголем откуп на домашното лебно зрно.