Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ на барање на бошњачките пратеници денеска ќе одржи итна седница за обезбедување средства за одржување на општите избори во земјата предвидени за 2 октомври.

Петмината делегати од групата на Бошњаците во Домот на народите веќе го потпишаа и на 16 мај го доставија до Колегиумот на Домот на народите барањето за свикување итна седница за да се обезбедат средства за општите избори.

Предложениот заклучок што е дел од барањето за одржување итна седница, предвидува Домот на народот да му наложи на Советот на министри да донесе одлука за одобрување и распределба на средства во износ од 12,5 милиони конвертибилни марки за Централната изборна комисија за годинешните избори.

Покрај претседавачот на Советот на министри, Зоран Тегелтија и министерот за финансии и трезор, Вјекослав Беванда, на седницата е побарано и присуство на претседателот на ЦИК, Суад Арнаутовиќ.