Двајца македонски јунаци, на ист ден 25 јуни, идентично го завршуваат животот во борбата за слобода на Македонија.
Војводата Ѓорѓи Ацев, во 1906 година, по тешка борба против великосрпска платеничка чета, бил ранет и за да не падне жив во рацете на непријателот се самоубил. А една година претходно, во борба со триилјаден османлиски аскер во Кратовско, на идентичен начин, животот за Македонија го дал и војводата Атанас Димитров повеќе познат како Атанас Бабата.
На 25 јуни 1905 година меѓу селата Куклица и Пендаќ, триилјадна турска војска и жандармерија ја опколила четата од 13 борци на македонскиот војвода Атанас Бабата. Се развила жестока борба. Кога 13 комити ја привршиле муницијата, ја изгореле архивата на четата, ги искршиле пушките и револверите, извикувајќи „Да живее слободна Македонија“ и се самоубиле.
Атанас Бабата е еден од првите членови на ТМОРО (1897-1905). Работел во повеќе од 16 реони, а бил раководител на околу 40 борбени акции. За време на Илинденското востание од 1903 година дејствувал во Кратовско. Атанас Бабата е роден во село Санитово, Пазарџик, во 1875 година.
За Атанас Бабата пишувавме пред неколку дена кога тој бил ранет, а загинал војводата Славејко Арсов. Опширниот текст може да погледнете на овој ЛИНК.
Една година по саможртвата на Атанас Бабата, во ист ден, на 25 јуни 1906 година саможртва за слобода на Македонија бил и прилепскиот војвода Ѓорѓи Ацев.
По една акција на четата на војводата Ацев кај селото Крапа, кај Македонски Брод, против една великосрпска платеничка чета, војводата бил ранет, а за да не биде заробен, се самоубил. Тој е брат на познатите македонски војводи Мирче и Петар Ацев. Роден е во селото Ораовец, Прилепско, според едни извори во 1883, а според други 1884 година.
(фото: Војводата Ѓорѓи Ацев (лево), Наум Јосифов (во средината) и Петар Герогиев (десно): На почетокот од текстот е четата на војводата Ацев)
Ѓорѓи (Гога) Ацев кој носел и псевдонимот Срцето по завршувањето на Педагошкото училиште во Скопје, работел како учител во Тиквешко. По Илинденското востание се приклучил кон ВМОРО, како четник во четата на неговиот брат Петар, а од 1905 година бил војвода на своја чета. Во текот на својата четничка кариера, Ѓорѓи Ацев водел повеќе борби против турските власти и против србомански и грчки андартски чети во Македонија.
Во септември 1905 година, во близина на селото Полог, ги разбил андартските чети на Маринос Либеропулос, составени од Критјани и гркомански четници.
На 25 јуни 1906 година бил предаден при извршување на казнена акција во селото Крапа при што неговата чета била нападната од србоманскиот војвода на Григор Соколов(иќ) – Ламе.
При престрелката кај месноста Куртов камен на планината Даутица паѓа ранет и несакајќи жив да падне во рацете на непријателот Ѓорѓи се самоубива.
(Подготви: Д.Г.)