На 6 октомври 1014 година во Преспа починал царот Самоил.

Во битката кај Беласица на 29 јули 1014 година, што се воделе меѓу војските на Самоил и византискиот цар Василиј Втори, војските на царот Самоил биле целосно поразени, а тој се спасил со бегство.

По битката, византискиот цар Василиј Втори наредил да се ослепат околу 15.000 Самуилови војници, а на секој стоти војник да му се остави по едно око за да ги води другите. Така ослепените војници биле испратени кај царот Самоил.

Од глетката што ја видел, Самоил умрел од срцев удар. Самоил го наследил неговиот син Гаврил Радомир.

Самуиловата држава постоела 38 години, од 976 година до смртта на Гаврил Радомир, во 1018 година.

Други настани од македонската историја на денешен ден

На 6 октомври 1943 година кај кичевското село Кленоец, во борба против балистичките банди и германските сили, загинал Јосиф Јосифовски – Свештарот, народен херој на Македонија.

Во оваа борба загинале и повеќе од 70 партизани. Свештарот е роден во Гевгелија, на 2 август 1914 година. Истиот ден балистите запалиле повеќе куќи во селото Кленоец и селото Попоец, Кичевско, а во наредните денови биле ограбени повеќе куќи и убиени луѓе во селата Душегубица, Иванчиште, Малкоец и други.

На 6 октомври 1944 година во селото Прждево, Неготинско, влегле германските фашисти и почнале да ги палат куќите и амбарите во знак на одмазда поради успешната акција на минерската чета, која истиот ден кренала во воздух еден од оклопните германски возови.

Притоа, фашистите стрелале 21 невино лице и својот крвав поход го завршиле во селото Бесвица, каде што, покрај палежот на куќите, стрелале 39 луѓе.

На денешен ден 1996 година во Скопје, на локалитетот Средно Водно, бил осветен камен-темелникот на новата црква „Раѓање на Пресвета Богородица“.

На 6 октомври 2001 година починал Петар Серафимов, еден од првите членови – основоположници на Македонската академија на науките и уметностите и професор на Градежниот факултет во Скопје. Роден е во Охрид, на 28 мај 1915 година.

(Подготви: Д. Г.)