НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во беровско Русиново е роден македонскиот војвода Никола Петров Русински, кој бил комита во четата на Гоце Делчев

/ 21.11.2020

На 21 ноември 1875 година во беровското село Русиново е роден Никола Петров Русински, истакната личност од националната историја на македонскиот народ, социјалист и револуционер.  Умрел во родното село Русиново, на 14 февруари 1943 година.

Русински е македонски револуционер, деец на ТМОРО, околиски војвода, учесник во Илинденското востание. Завршил подофицерска школа во Софија и бил близок пријател со Гоце Делчев и Васил Главинов. Задоен со идеите на социјализмот, тој го наоѓа своето место во македонското револуционерно движење и безусловно му служи целиот свој живот.

Во 1897 година станал четник во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, а потоа и во четата на Г. Делчев. Како близок соработник на Делчев, во 1900 година бил испратен во западниот дел на Македонија, каде станал првиот војвода – агитатор во Крушевско, Демирхисарско, Кичевско, Прилепско, Охридско, Струшко, Битолско и Мариово. Учествувал на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во Битолско. Користел псевдоними како Апостол Скитов, Атила Елонски и сл. Оставил спомени за ВМОРО.

Со гимназиско образование се стекнува во Кочани. Во периодот од 1893 до 1895 престојува во Цариград, каде се образува и станува близок на социјалистичките идеи, а од септември 1895 до март 1897 година учи во подофицерското училиште во Софија. Во 1895 година се вклучил во редовите на Македонската организација и учествува во акции на четите.

Во текот на школувањето во офицерската школа,Русински се запознал со Делчев кој го вклучува во Македонската Револуционерна Организација. Во 1897 година, Русински станал четник во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, предводена од војводата Васил Чочов. Истата година учествува во киднапирањето на Назлим бег кое го раководел Делчев, а подоцна се приклучил во четата на Гоце Делчев.

Во 1898 година Русински се запознал со Васил Главинов, кој во Софија ја формирал Македонско-одринска социјалдемократска група. Русински како социјалист, се вклучува кон групата, во која членуваат Велко Марков, Никола Карев, Димо Хаџи Димов, Лазар Главинов и др. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите меѓу кои и Русински се залагаат за ослободување на Македонија и ги издигаат слоганите „Македонија за Македонците“ и „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“.

Во таа насока, социјалистите имаат контакти со ТМОРО со која се сложуваат за вооружено ослободување на Македонија и создавање на автономна македонска република со сопствени сили. Тие настапуваат отворено и се спротивставуваат на тврдиот централизам и идејната затвореност на Организацијата. Но, Делчев и Русински имаат голема улога во вклучувањето на голем дел од социјалистите во Организацијата.

Русински кој бил испратен од Г. Делчев да го организира Битолскиот револуционерен округ, на 3 јули во 1900 година учествувал на Првата социјалистичка конференција во Македонија одржана во близина на Крушево. Свесни дека можат да имаат влијание доколку и самите се вклучат во редовите на Организацијата, по одржаната конференција во Крушево, социјалистичката група ги доставува предлозите до Окружниот комитет во Битола кој ги прифаќа и им доделува одредени клучни места (војводско место, инспектор на четите).

По влегувањето на социјалистите во редовите на ТМОРО, Русински станува истакнат организатор и војвода на чета. Спроведувајќи ги доверените задачи тој до август 1901 година ја развива борбената подготвеност на четите во Демирхисарско, Крушевско, Кичевско, Потоа од август до ноември 1901 година работи на подготовка на четите во Прилепско, Охридско и Струшко од ноември 1901 до декември 1902 година, а Битолско поле и Мариово до 1903 година. Во четата на Русински како подвојводи во своите реони дејствуваат Јордан Пиперката, Веле Марков, Ѓурчин Наумов – Пљакот, Ванчо Србаков, Ѓорѓи Сугарев, Тале Христов и други.

Никола Русински присуствувал на Смилевскиот конгрес. Иако како и неговиот пријател Делчев бил за партизанското војување и против кревање на масовно востание, бидејќи четите и населението не биле доволно подготвени за напад врз сите линии на непријателот, тој ги прифаќа одлуките донесени на Смилевскиот конгрес. Русински бил избран заедно со Петар Ацев, Тале Христов, Јордан Тренков и Георги Пешков за член на штабот на Прилепското горско начелство (за Мариовско).

Во текот на Илинденското востание 1903 година, Никола Русински чиј помошник војвода е Тодор Златков, командува и со леринските чети, кои се засолнуваат во Мариовско, откако се извлекле од тешката ситуација во Леринскиот реон.

По Младотурската револуција во 1908 година Никола Русински живее во Битола, посветувајќи се на социјалистичката идеја и синдикалното движење. Зел учество во Балканската војна, а по војната бил кандидат за парламентарните избори во Пиринска Македонија. Но, набрзо потоа, со почетокот на Првата Светска Војна Русински бил мобилизиран.

Меѓу двете светски војни Никола Русински доживува лична драма. По долго боледување му починале сопругата и двете ќерки. По семејната трагедија, тој потполно се посветил на социјалистичката кауза. Во времето на фашизмот во Бугарија, учествувал во антифашистичкото движење и ги криел комунистичките илегалци.

Русински е автор на книгата „Придонес кон историјата на Внатрешната Македонско – Одринска Револуционерна Организација – за времето 1900 – 1903“, објавена во 1936 година.

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија