На 2 септември 1905 година кај месноста Ѓуров Дол, во близина на селото Ѓавато, Гевгелиско, во борба против триилјадна турска војска, откако го уби турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоуби гевгелискиот војвода Леонид Јанков.

Борбата, што ја водеше заедно со уште неколкумина негови соборци траеше цел ден. За херојската борба на Леонид Јанков и ден-денес се пее и се раскажува не само во Гевгелија, туку и низ цела Македонија.

Песната „Трба, трби гевгелиска“ му е посветена на овој 27-годишен војвода. Уште како селски чувар, Леонид Јанков соработуваше со илинденските востаници и со ВМРО, а учествуваше и во неколку други акции против турската војска.

Леонид Јанков е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание.

Јанков е роден на 10 март 1878 година во село Мачуково, од татко Трајко и мајка Ката. Завршува основно образование. Леонид влегува во ВМРО во својата младост и е курир. Во 1901 година е уапсен со Бајалската афера и лежи шест месеци во затвор. По напуштање на затворот го убива шпионот Ристо Дојчинов и станува нелегален комита, десетар е во четата на Аргир Манасиев, кој е негов прв братучед од страна на мајка му.

Учествува во Илинденското востание, а по задушувањето се префрла во Бугарија. На 2 септември 1905 година Леонид заедно со двајца свои другари, во месноста Ѓуров дол до село Ѓавато се опколени од турски аскер и по престрелка, која траела цел ден, Леонид се самоубива.

Според различни извори со него загинуваат комитите Михаил Иванов Таушанов, Туше Гонов Петрушев од Богданци, Томе Киров Доновски, Тома Фириев од Стојаково. По битката телата им се погребани на гробиштата во Гевгелија.

Во 1922 година во Скопје е формиран скопскиот спортски клуб „Македонија“.

Во 1941 година македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски, за да не се предаде жив во рацете на бугарската полиција, фрли бомба и се самоуби, фрлајќи се на улица низ прозорецот од својата соба. Живееше  во стан на шести кат во Софија. Во тој период Неделкоски беше член на една диверзантска група.

Најпознати негови дела се збирките песни „Молскавици“ и „Пеш по светот“.

Роден е во селото Војница, Велешко, на 16 декември 1912 година.

Во 1944 година ослободен е Демир Хисар.

Во 1944 година Президиумот на АСНОМ на својата трета седница, што ја одржа во манастирот Свети Прохор Пчински, еден месец по историското Прво заседание на АСНОМ, донесе одлука за основање на телеграфска агенција на Македонија – ТАМ.

Оваа агенција одигра мошне важна улога во ширењето на вистината за праведната борба на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.

Во 1944 година кај селото Отиштино, Велешко, од Велешкиот НОП одред „Трајче Петкановски“ и од борците од велешкиот крај е формирана Осмата македонска НОУ бригада. При формирањето имаше четири баталјони со околу 950 борци. Во септември бригадата дејствуваше по должината на железничката пруга Велес – Скопје.

Во 1945 година кај селото Корнишор, Ениџе-Вардарско, откако беше предаден и опколен од една грчка жандармериска единица, при обидот да го пробие обрачот, загина од непријателски рафал Атанас Коровешов, член на Главното раководство на НОФ, еден од најверните синови на македонскиот народ.

Роден е во селото Смрдеш, Костурско, во 1918 година.

(Подготви: Д. Г.)