НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во борба со бугарскиот окупатор загина Д.А. Габерот – роден е писателот В. Николески кој ги опејуваше хероите

/ 10.06.2023

На денешен ден, македонскиот херој Димката Ангелов Габерот во Кавадаречко го дал животот за слобода на Македонија, а во Охридско е роден писателот Ванчо Николески кој го опишуваше херојството на македонските комити и партизани во неговите дела.

На 10 јуни 1943 година кај месноста Клинска Леса во Кавадаречко, во борба против бугарската окупаторска војска загинал Габерот, македонски револуционер, учител и политички комесар во НОВ.

Димката Ангелов кој  го добил партизанското име Габерот е роден во Ваташа на 17 октомври 1916 година како второ дете на Ленка и Ташо Ангелови. Основно образование со одличен успех завршил во родното место и се запишал нижа гимназија во Кавадарци, каде го завршил само третиот клас, бидејќи биле затворени поголем број гимназии во тогашна Македонија под српска окупација, меѓу кои и таа во Кавадарци, па четврти клас и мала матура завршил во Прилеп.

Во октомври 1930 година со само 14 години во Белград се запишал на учителска школа и се стекнал со диплома учител во Неготин Краина, каде што ја завршил Учителската школа и положил голема матура. За време на летниот распуст се дружел со Страшо Пинџур, а за ова нивно пријателство и дружење сведочи дневникот на Страшо Пинџур, каде Димката бил опишан како младинец со многу дарба. Во учителската школа го покажал револуционерниот темперамент, каде се побунил и ги критикува неправедните постапки на професорите. Многу читал, а омилени писатели му биле Достоевски, Тургенев, Пушкин, Синклер и други.

Неговата љубов кон книгата ја покажал и кога заедно со група истомисленици го основале првото читалиште библиотека во Кавадарци во 1935 година. А негов прв јавен испад против окупаторскиот српски режим се случил во Кавадарци во 1936 година, каде на плоштадот пред народот ја нападнал експлоататорската политика на владата на Милан Стојадиновиќ во Кралска Југославија и тоа пред министерот во истата влада Драгиша Цветковиќ. А како противник на владата Димката долго време останал без работа. Во пролетта 1937 година бил обвинет дека е комунист и бил уапсен заедно со поголема група и одлежал неколку месеци затвор во Велес.

Работа како учител добил во село Дабниште во септември 1937 година, но тоа траело кратко, бидејќи во март 1938 година бил упатен во Винковци на отслужување на воениот рок.

Пештера болен Габерот лежи

По враќањето од Винковци се вклучува во предизборната кампања за Парламентарните избори во групата сo Страшо Пинџур, Тошо Велков Пепето, Илија Чулев, Васил Димитров и други. Тие победиле на изборите, а д-р Илија Чулев бил избран за народен пратеник во Собранието на Кралска Југославија. Димката поседувал голема дарба и за уметност. Тој многу убаво свирел на виолина, бил извонреден танцувач, а имал и афинитет за глума. Во 1939 година заедно со Милан Даскалов и Славчо Темков ја подготвиле и биле главни актери во Цанкаровата драма „Слугата Јернеј и неговото право“. Драмaта за првпат била изведена во кафеаната „Балкан“ каде што доживеала голем успех.

Во 1939 година повторно се вработил како учител, но овој пат во едно од најоддалечените села во Тиквешијата, селото Радња. Бил почитуван и омилен кај учениците, нивните родители и жителите од селото. Се дружел со своите колеги учители од соседните села и секогаш имал време да разговара со локалните жители за многуте прашања што ги интересирале. Со младинците од селата Бохула, Чемерско и Радња организирал и раководи курсеви за ракување со оружје.

Во средината на јануари 1941 година, непосредно пред разгорувањето на Втората светска војна бил интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица, заедно со поголема група младинци од Кавадарци. Таму условите биле логорски, тешки и сурови, но се стекнал со големо револуционерно искуство. Изолациониот логор во Ивањица преживеал само три месеца, бидејќи бурните настани од 27 март 1941 година го означиле неговиот крај. Димката Ангелов заедно со уште триесетмина биле пуштени на 3 април 1941 година.

По иницијатива на Месниот комитет на КПЈ за Кавадарци, во средината на мај 1941 година, создаден е Воен комитет во кој Димката е избран за негов член заедно со Перо Угуров, Пано Чејков и Киро Спанџов. Основна задача на овој комитет била прибирање оружје, муниција и воен материјал, останат по капитулацијата на кралската југословенска војска, како и организирање обука со младинците за ракување и одржување на оружјето.

Од мај 1942 година до мај 1943 година тој бил во илегала, но активен. Во април 1943 година Димката Ангелов бил избран за политички комесар на Штабот на Третата оперативна зона, кој во исто време бил и штаб на партизанскиот одред „Добри Даскалов“. Како политички комесар на зоната, Димката присуствувал и го координирал формирањето на Гевгелискиот партизански одред „Сава Михајлов“ на падините на планината Кожуф. Како борец Димката се одликувал со храброст и решителност, а кога било најпотребно знаел добро да мотивира. Жителите од селата во Тиквешијата, во кои одредот имал успешни акции, раскажувале за неговите пламени говори со кои го пленувал населението.

Иако тешко болен, во придружба на своите соборци Ило Виларов-Сокол, Јован Радњански-Планински, Пано Мударов-Фрањо и активистот од село Галиште Стојан Крстев, се упатиле кон логорот на одредот во месноста Вишешница. На патот кон логорот во месноста Торкови Лаки, групата наишла на непријателска заседа од бугарскиот фашистички окупатор. И покрај тоа што партизанската група се нашла во безизлезна состојба, Димката до крај останал доследен на своите убедувања да не потклекне. Ја прифатил борбата иако бил тешко ранет од првите истрели на непријателските куршуми. Загинал на 10 јуни 1943 година заедно со Ило Виларов, Пано Мударов и Стојан Крстев.

По загинувањето на Димката Ангелов Габерот останала дилема, неразјаснета и ден денес во Тиквешијата: Зошто Димката Ангелов Габерот не беше прогласен за народен херој?

Но, во негова чест кавадаречки поет и музичар Александар Линин ја испеал песната „Пештера болен Габерот лежи“: Пештера болен Габерот лежи,/ треска го тресе русата глава./ Неарно писмо курирот му даде,/ не рече ништо, набрчка чело,/ стана и стави пушка на рамо./ По поле едри капки капат, по грбот негов ледни мравки лазат./ На камен гордо орелот стои,/ аргатки гордо превиле грбот./ Тогај му велат на Габер јунак: Врати се, Габер, сам бој не бива.

Николески ги опејуваше и херојствата 

На 10 јуни 1912 година во охридското село Црвена Вода е роден македонскиот писател и поет Ванчо Николески, претставник на првата повоена генерација македонски писатели за деца и младина.

По ослободувањето на Македонија од фашизмот, Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Тој станал член на Друштвото на писателите на Макеодонија во 1950 година, а за своето книжевно творештво е добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а и тој преведувал од српски, хрватски и од руски јазик. Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија секоја година ја доделува нагрдата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади.

Неговите дела се одликуваат, покрај другото, и со патриотски мотиви, а се инспирирани од поблиската и подалечната историја на Македонија. Едно од најпознатите негови дела кое е и екранизирано во ТВ серија е „Волшебното самарче“ со мотиви од НОБ, но оставил прозни и поетски дела иниспирирани и од подалечната историја на македонскиот народ.

Негови попознати дела, покрај „Волшебното самарче“ се : „Македонче“ (прва збирка песни за деца на македонски јазик, 1946); „Мице“ (поема, 1947); „Школско ѕвонче“ (песни, 1947); „Прва радост“ (песни, 1947); „Бабино вретенце“ (песни, 1948); „Крај огниште“ (песни, 1948); „Дедови приказни“ (песни, 1950); „Шарено торбиче“ (песни, 1950); „Татковина“ (песни, 1950); „Мое село“ (песни, 1950); „Чуден свет“ (песни, 1952); „Чудотворен кавал“ (раскази, 1952); „Мојот ден“ (сликовница, 1952): „Стани, Коле“ (песни, 1952); „Братска дружба“ (приказни и бајки, 1953); „Четиринаесет илјади ослепени“ (историска поема за времето на Цар Самоил, 1954); „Приказни и бајки за деца“ (1955); „Чудни случки“ (раскази, 1958): „Цвета смета“ (сликовница, 1960); „Волшебното самарче“ (роман, 1962): „Приказни од моето село“ (раскази, 1964); „Гоце Делчев“ (роман, 1964): „Чуден дедо“ (песни, 1964): „Под виорното знаме“ (роман, 1967); „Приказни од волшебната куќичка“ (раскази, 1970); „Малиот ловец“ (раскази, 1970); „Станко спанко“ (песни, 1972); „Ѕвездени вечери“ (песни, 1973); „Рачко плачко“ (песни, 1973); „Крвави години“ (хроника-роман): „Жива книга“ (раскази, 1978).

Писателот Николески починал на 15 април 1980 година.

(Д.Г.)


Од истата категорија