На 9 август 1883 година во Велес е роден Панко Брашнаров, македонски национален деец и најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ, прв претседавач на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв повереник на првата привремена влада на Македонија и иницијатор за формирање на првата новинска агенција на Македонија, најблизок соработник на Методија Андонов – Ченто.
Почина на 13 јули 1951 година во комунистичкиот логор на Голи Оток, во Хрватска, каде долго време не му се знаеше место на почивање, но и откако беше откриено дека останките почиваат во заедничка гробница во Загреб, до денес ништо не е сторено за пренесување на неговите останки во Македонија.
Познат и како Панко Брашнар, член бил на првиот ЦК на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Образованието го започнува во родниот град во Егзархиската прогимназиja. Во 1900 година школувањето го продолжува во Машкото педагошко училиште во Скопје. Учителствувањето го започнува во кумановските села каде почнува да шири револуционерни идеи.
По Младотурската револуција се зачленува во Народната федеративна партија. Учителствува до почетокот на Балканските војни како егзархиски учител.
Соработувал во органот на Васил Главинов „Класно сознание“. По војните во 1914 година пребегал во Бугарија. Завршил Виши педагошки курс на Егзархијата во Пловдив во 1915 година. За време на Првата светска војна станал воjник во Единаесетта пешадиска македонска дивизија на бугарската војска и бил испратен на фронтот кај Дојран.
По Првата светска војна, во 1919 година Брашнаров се враќа во Вардарска Македонија. Србите му нудат да работи како учител, но тој одбива. Работел како воденичар, градинар и крчмар.
Станува член на КПЈ и учествувал на повеќе конференции и конгреси: во Вуковар, Виена, Белград и други градови. На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. Во август 1926 година е уапсен и во април 1927 година е осуден на две-годишна робија.
Кон крајот на мај 1929 година, на пат за конгресот на ВМРО (Об.) во Берлин, е уапсен на југословенско – австриската граница. По настанатата голема провала на ВМРО (Об.) во Вардарска Македонија на 5 јули 1929 година, Брашнаров е спроведен назад во Велес. На судењето во јуни 1930 година е осуден на 5 години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од робија, политички се пасивизира.
По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров повторно станува бугарски учител (бидејќи администрацијата била бугарска), а од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година.
Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира.
Шест децении не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки.
Во септември 2011 година, новинарска екипа го пронајде гробот на Панко Брашнаров на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни останки доживеале две ексхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи Оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е ексхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.
Откако беше објавено каде почива Брашнаров, беше најавено и враќање на неговите посмртни останки во Македонија. Но, тоа до денес не се случи.
(Д. Г.)