Несудените нобеловци и бивши премиери на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на денешен ден пред шест години ја имале првата средба, а нецела година потоа на Македонија и беше сменето уставното име и ја доби придавката „северна“ со која, и покрај ветувањето, не влеговме во ЕУ.
Првата средба, како што потсетуваат провладини медиуми, ја одржале на Светскиот економски форум во Давос, која подоцна резултираше со потпишување на Договорот од Нивици или познат и како Преспански.
Потоа се одржале повеќе средби, на премиерите, на министрите за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров.
Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година по што Македонија стана „северна“, Заев и Ципрас не се веќе премиери, Коѕијас пишува мемоари, а Димитров сега почна да покажува „патриотски мускули“.
Заев и Ципрас беа номинирани и за Нобелова награда за мир, која до ден-денес не ја добија.
По Договорот од Нивици, Македонија се откажа од античката историја, го избруси симболот со Сонцето од Кутлеш од сите јавни површини, ги смени имињата на државата, автопатот, аеродромот, Македонскиот народен театар, Македонската опера, Македонската информативна агенција… А во Грција се уште на сообраќајните патокази кон Република Македонија стои „Скопиа и БЈРМ“.
И сето тоа денес во Македонија се нарекува „доборососедски односи“ и „пријателска Грција“ која како сојузник во НАТО го брани и небото на Македонија од надворешни напасници.
Македонците и другите граѓани на Македонија деновиве, во редици за лични карти, пасоши и други документи, ги чувствуваат „придобивките“ од смената на името на Македонија.
(Д. Г.)