Околу 1.200 парови се венчаа на масовна венчавка на Денот на вљубените во Незахуалкојотл, предградие на Мексико Сити каде масовните свадби се традиција на Денот на вљубените.

Парови од различни генерации на градскиот плоштад велеа „Да“, едни за да заштедат пари, а други за конечно да ги регистрираат долгите врски.

„Свадбите се скапи“, изјави 28-годишната невеста Розалин Руиз за AFP. Облечена во бело, таа се омажи за својот партнер, 30-годишниот Рикардо Рејес, на „подостапен“ начин, односно овогодинешната „matrimonio colectivo“ или колективна венчавка.

Јосимир Караско и Алехандра Годинез, двајцата на 37 години, беа мотивирани од желбата за „поинакво искуство“, додека за 40-годишните Пилар Хернандез и Сузана Иносенте тоа беше можност да ги оправдаат „еднаквите права“.

Луѓето на плоштадот почнаа да аплаудираат кога Соња Круз, управителката на матичната служба, ги прогласи паровите за „легално венчани“ и ги покани да се бакнат. Слична масовна венчавка на Денот на вљубените се одржа во Никарагва, каде што 200 парови се венчаа на брегот на езерото Ксоотлан.